Во петокот, една од главните вести во светот беше блиската средба на американскиот крстосувач USS Chancellorsville и рускиот уништувач „Адмирал Виноградов“ во Источното Кинеско Море. Двата воени брода се доближија на помалку од 30 метри еден до друг (ДЕТАЛИ ТУКА) и морале радикално да маневрираат за да избегнат судир. По инцидентот, американската морнарица ја обвини руската, а руската ја обвини американската.
Откако американската морнарица објави две видео снимки од инцидентот видени „низ очите“ на американскиот брод, корисниците на друштвените мрежи забележаа еден спореден детал – руски морнари целосно релаксирани се сончаат на палубата додека рускиот брод опасно се приближува до американскиот. На хеликоптерската платформа на рускиот брод, конкретно, може да се види како еден руски морнар се сонча „како од мајка роден“, додека други двајца се сончаат без маици.
Многу од корисниците на друштвените мрежи тоа го оценија како доказ дека се работи за руска провокација. Други, пак, оценија дека токму лежерноста на руските морнари е причина што дошло до опасниот инцидент (наместо да внимаваат на бродот, тие се сончаат).
Прашан за ваквите обвинувања, поранешниот шеф на руската морнарица од 1991 до 1996 година – Адмирал Валентин Селиванов, го оправда однесувањето на морнарите.
„Не се воени времиња! Има време за војна, и време за сончање. Нашиот брод се движи во отворено море… Морнарите и офицерите тукушто ручале, па се на пауза, горди што служат на југот. Но, не се во војна… Нормално, ако еден се сончал, значи и десетици други се сончале. И да, мораш да си гoл за да се сончаш“, рекол Селиванов за руските медиуми.
За Марк Слебода, меѓутоа, експерт по меѓународни и безбедносни прашања, нема ништо забавно во целата ситуација.
„Како што можеме да видиме, ниту еден од бродовите не е дел од било каква воена вежба што може да го објасни блискиот контакт. Ова едноставно е резултат на некаков си мачо натпревар помеѓу двата брода, веројатно со дозвола од повисока воена инстанца, а можеби и дозвола од политички лидери, во двете земји. Како и кај сите слични инциденти, било во вода или во воздух, секогаш постои ризик од нecpeќа. Необјасниви нешта се случуваат. И ќе се случат неизбежно ако, особено со оглед што ваквите инциденти се зголемуваат во обем и се сè почести, на руската или американската страна зaгинaт војници, а другата страна биде одговорна. Каде ќе нè донесе тоа кога станува збор за двете најголеми нуклеарни сили на планетата? Тоа не е добра ситуација“, заклучува Слебода.