Русите и Американците се враќаат на Месечината

„Ние сме НАСА – и по 60 години, допрва започнуваме“, вели гласот на Мајк Роу во видеото во кое се соопштуваат новите вселенски подвизи кои стојат во агендата на американската вселенска агенција.

Од видео клипот станува јасно дека НАСА има намера да се врати на Месечината, но овојпат и да остане таму на долг рок. На површината на Земјиниот сопатник ќе биде изградена база каде астронаутите ќе вршат истражувања. Истата ќе биде користена и како прва попатна станица за следната цел на вселенската агенција – а тоа е Марс.

Во целите кои си ги постави НАСА е вклучено патување до Црвената планета, а можеби и подалеку. До 2020 и на Месечината и на Марс ќе бидат испратени апарати. Декада подоцна – и луѓе.

Од 1972 година, од мисијата на Аполо 11, човечка нога нема стапнато на површината на Земјиниот сателит. А купот теории на заговор кои тврдат дека САД и тогаш не стапнале на Месечината, го поставуваат прашањето – зошто? Како може толку години подоцна, а втора мисија до Месечината да нема? Дали тоа потврдува дека „малиот чекор за човекот, но голем за човештвото“ бил снимен во студио?

Одговорот е едноставен – досега поголемиот дел од средствата на НАСА беа вложени во Меѓународната вселенска станица и изработката на сателити и сонди кои ќе ја истражуваат и следат вселената. Како последица, интересот за најблиското тело до Земјата опадна.

Прочитајте и:  Загриженост поради изгледот на астронаутката заглавена во вселената

Но тоа ќе се смени. Новите цели на НАСА се поставени по директивата Space Policy Directive 1 – закон со кој Доналд Трамп потпиша и овозможи агенцијата да бара надворешни спонзори за да може американски граѓанин повторно да стапне на Месечината, овојпат „не само за да постави знаме и да остави трага во правта, туку за да изгради систем кој ќе биде користен и за идни анализи и патувања до далечни светови“.

Интересно е што напомош на НАСА ѝ се приклучува и руската Роскосмос. Двете агенции заедно ќе работат на изградбата на идна база, дури и ако двете држави не се во добри односи.

Плановите целосно им се совпаѓаат. Според Евгениј Миркин – заменик генерален директор на руската Ракетно-вселенска организација, руските астронаути (или космонаути, како сакате) за првпат ќе стапнат на Месечината веќе во 2030-та.

 

- Реклама -