Русија: Договараме размена на затвореници со Америка

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го цитираше рускиот претседател Владимир Путин кој претходно овој месец, на состанок со уредниците на меѓународните новински агенции, рекол дека Русија и САД се во контакт по ова прашање

Кремљ денеска соопшти дека се остварени контакти со САД за можна размена на затвореници во која би бил и Еван Гершкович, новинарот на „Волстрит журнал“, но дека медиумите не треба да добиваат дополнителни детали за нив.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го цитираше рускиот претседател Владимир Путин кој претходно овој месец, на состанок со уредниците на меѓународните новински агенции, рекол дека Русија и САД се во контакт по ова прашање.

„Сакам повторно да ве потсетам на разговорот на претседателот со шефовите на новинските агенции во Санкт Петербург. Тој потврди дека има такви контакти. Тие продолжуваат, но треба да продолжат во целосна тишина. Поради тоа, никакви соопштенија, изјави или информации по ова прашање не можеме да дадеме“,

рече Песков.

На прашањето зошто судењето на Гершкович за шпионажа се одвива зад затворени врати, Песков рече дека не може да коментира за такви работи бидејќи тоа е судска одлука.

„Тоа е одлука на судот. Не можеме да го коментираме тоа“,

рече тој.

Гершкович (32) беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ) на 29 март 2023 година во уралскиот град Екатеринбург, 1 400 километри источно од Москва, под обвинение за шпионажа за што може да добие казна од 20 години затвор.

Гершкович, првиот американски новинар кој беше приведен под обвинение за шпионажа од крајот на Студената војна пред повеќе од три децении, постојано ги негира обвинувањата.

- Реклама -