Розмари – скриената ќерка на Кенеди

Трагичниот живот на Розмари Кенеди – ментално заостанат член на кланот Кенеди, е документиран во многу приказни за овој познат род. Често сепак Розмари останува во заден план. Таа е секундарен лик, кој е држен далеку од очите на јавноста.

618x345 (1)

Таа е третото дете на Џозеф и Роуз Кенеди и зазема централно место во книгата “Розмари: Скриената ќерка на Кенеди” на Кејт Клифорд Ларсон, која излезе на почетокот на септември. Авторката прави хроника на животот на девојката и опишува како нејзините најблиски реагирале на нејзината болест и како тоа им влијаело врз животите. Драмата во семејството Кенеди започнува во 1941 година кога Розмари има 23 години. Младата жена страдала од ментална попреченост и чести промени во расположението. Поради оваа причина нејзиниот татко Џозеф П. Кенеди (татко на американскиот претседател Џон Кенеди) наредил да и биде извршена лоботомија, плашејќи се дека состојбата на неговата ќерка ќе наштети на политичката кариера на неговите синови.

Хируршката интервенција сепак имала компликации како последица на кои статусот на Розмари се влошил драстично и таа останала во психијатриска клиника до крајот на животот во 2005 година. Нејзините најблиски дури не знаеле каде е, бидејќи нејзиниот татко успеал да ја скрие вистината од сите.

Се смета дека Розмари добила неповратен хендикеп уште за време на раѓањето на 13 септември 1918 година поради медицинска небрежност. Кога Роуз Кенеди почнала да се пораѓа, немало лекар на располагање. Иако медицинската сестра била добро обучена, се обидела да го запре раѓањето и да го почека доаѓањето на докторот. Таа ја натерала Роуз да ги држи нозете затворени и така главата на бебето останала во породилниот канал во текот на два часа. Тоа довело до сериозно губење на кислород.

Кога Розмари наполнила едвај 11 години нејзините родители Џозеф и Роуз Кенеди ја пратиле во интернат за деца со посебни потреби. Осум години подоцна семејството се преселило во Лондон, каде Џозеф Кенеди бил назначен за амбасадор. Ќерка му била веќе убава млада жена која имала навика да излегува навечер и да ги посетува ноќните клубови, иако добивала напади на агресија. Од страв да не ја уништи кариерата на политичари како Роберт и Џон Кенеди, таткото Џозеф тајно наредил да биде извршена лоботомија на Розмари. Во ноември 1941 година, во Универзитетската болница “Џорџ Вашингтон”, во полна свест Розмари ги почитувала упатствата на лекарот да рецитира песни и раскази, додека тој и пробива две дупки во главата и сече нервни завршетоци во нејзиниот мозок.

618x345

По операцијата младата жена ја губи способноста да зборува, да чита и пишува и е скриена во медицински центар. Нејзиното семејство не знае каде се наоѓа во текот на 20 години, па дури и мислат дека загинала. Нејзиниот татко престанува да ја посетува во 1948 година, иако е здрав и енергичен до 1961 година, кога добива мозочен удар. Потоа Џозеф Кенеди и открива на сопругата што направил и таа ја наоѓа Розмари во центарот во Висконсин. До крајот на својот живот Роуз Кенеди ја крие вистината за лоботомијата на Розмари и тврди дека нејзината ќерка го загубила разумот по инцидент.

Писателка Кејт Клифорд Ларсон е првиот човек кој добива пристап до писмата на Розмари Кенеди. Тие се полни со правописни грешки и лошо структурирани реченици. „Ќе сторам сé за да си среќен”, му пишува девојката на татка си.

Херој во целата приказна е Јунис Кенеди Шрајвер, повеќе позната како еден од основачите на Параолимписките игри. Преплашена од она што и се случило на нејзината сестра, таа станува ревносен бранител на правата на лицата со инвалидност. Откако Џон Кенеди стана претседател на САД, таа успешно лобира за создавање на Националниот институт за детско здравје и човечки развој. Подоцна таа ја презема одговорноста за грижата за Розмари. Најмладиот член на кланот – Тед, има едвај 9 години кога Розмари исчезнува од семејниот живот. Подоцна станува сенатор и постојано вели дека сестра му е неговата инспирација.

Во 1994 година, на 104-годишна возраст, Роуз Кенеди умира. Деценија подоцна и Розмари умира на 86 години. На нејзиното последно патување ја испраќаат 4- ца од нејзините браќа и сестри. Таа е првото дете Кенеди што умира од природна смрт.

Создавајќи од Розмари централен лик во книгата, Кејт Клифорд Ларсон го фокусира вниманието на читателот врз менталното здравје и задоцнетите напори на едно семејство за да надомести за сè што и било предизвикано на една невина девојка.

- Реклама -