Кристијано Роналдо воопшто не очајуваше откако беше сведок како Лионел Меси стигнува до својата четврта „Златна топка“ во кариерата, додека тој има само една ваква награда во својата колекција. Португалецот го предводеше Реал Мадрид до титулата во Примера, пред Меси и Барса, но сепак како пресудна се покажа извонредната голгетерска година на Аргентинецот, кој што постави светски рекорд постигнувајќи вкупно 91 гол во дресот на Барса и на аргентинскиот национален тим.
„Мојата совест е чиста, во 2012 година играв одлично и морам да бидам задоволен од она што го остварив. Постигнав голем број погодоци, триумфирав во Примера дивизион и во Супер-купот на Шпанија.
Не сум исфрустриран од Меси како што веруваат многумина, оваа награда не значи крај на животот за мене и за останатите фудбалери, туку е само мотив повеќе да продолжиме да напредуваме. Лео Меси одлично си ја врши својата задача на теренот, но истото важи и за мене. Сите оние што се најдоа на гала-вечерата во Цирих според мене се победници, бидејќи се дел од кремот на светскиот фудбал“ – изјави Роналдо.