Жозе Мурињо може да му се налути на Кристијано Роналдо откако португалскиот ас го посочи Сер Алекс Фергусон, а не „Специјалниот“ како стратег што е најзаслужен за неговиот раст во фудбалер од светска класа.
Роналдо сѐ уште ги следи настапите на Манчестер Јунајтед, а сите успеси му ги припишува токму на Фергусон, кој што и нему му помогна да го трасира патот кон врвот на светскиот фудбал.
„Алекс Фергусон е не само врвен тренер, туку и фантастичен човек. Тој ме научи на толку многу работи, за што ќе му бидам благодарен до крајот на животот. За мене, тој е татко на фудбалот, навистина ми недостига да минувам време крај него и да учам нови работи за овој спорт. Она што многу ме импесионира е што иако веќе има преку 70 години, Ферги е ист како и првиот ден кога јас го запознав, сѐ уште ја носи со себе истата желба за победува. Можеби не е добро за неговото срце, но Сер Алекс со тоа дефинитивно покажува дека е еден од најдобрите тренери во историјата на фудбалот“ изјави Роналдо.
Алекс Фергусон го доведе Роналдо од Спортинг Лисабон во Манчестер Јунајтед во 2003 година, давајќи му ја улогата на наследник на Дејвид Бекам. Португалецот целосно одговори на предизвикот, предводејќи ги „Црвените ѓаволи“ кон титули во Премиер-лигата, ФА Купот и Лигата на шампионите.
За своите одлични игри во дресот на Манчестер Јунајтед овој фудбалер ја доби и наградата за најдобар светски играч за 2009 година, единствена ваква досега освоена во неговата кариера.