Роналдињо си замина од Фламенго и својата кариера ја продолжи во Атлетико Минеиро, со што успеа и да се врати во посакуваната форма. Сепак, поранешниот член на Барселона и на Милан сега се соочува со друг вид проблеми…
Спонзорот на Роналдињо, Кока-кола, реши да го раскине договорот поради „значително нарушување на договорените услови“. Имено, проблемите настанале кога на масата пред Роналдињо на промоцијата во новиот клуб се најдоа две лименки Пепси, лутиот конкурент на Кока-кола во бизнисот со безалкохолни пијалаци.
Иако Бразилецот тврдеше дека нема никаква врска со тоа и дека станува збор за спонзор на Атлетико Минеиро, претставниците на Кока-кола во Бразил решија да го раскинат договорот со некогаш најдобриот светски фудбалер.
„Веќе не може да се работи со Роналдињо, кој станува неподнослив. По серијата проблеми што ги имавме, фотографирањето со лименки Пепси ја прели чашата. Точно е дека договорот со него е раскинат“ потврдија од маркетинг-службата на Кока-кола во Бразил.
Роналдињо потпиша тригодишен договор со Кока-кола кон крајот на 2011 година, според којшто овој фудбалер требаше да биде заштитно лице на светскиот бренд на безалкохолни пијалоци до СП во Бразил во 2014 година. За возврат, тој требаше да заработува по 750.000 долари годишно, но Роналдињо ќе остане со празни раце за преостанатите две години од договорот.