Романот „Агни“ на словенечкиот автор Борут Крашевец објавен на македонски

Романот „Агни“ од словенечкиот автор Борут Крашевец е ново дело во издание на издавачката куќа „Чудна шума“ од Скопје. Преводот на делото е на Дарко Спасов, а ја доби престижната словенечка награда „Кресник“ за 2021 година. Илустрацијата и дизајнот на корица се на Хари Дудески.

Овој роман е љубовна драма со три раскажувачки линии: животинска (куникула), девојкина (девојче во период на полово созревање) и линија на возрасни (три лица формираат љубовен триаголник – таткото, мајката и тетката на девојчето).

Главниот квалитет на романот не е во описот на животинскиот свет како таков, туку преплетот на трите раскажувачки линии што се огледуваат една во друга, меѓусебно се опоменуваат и од неочекувани точки разоткриваат некои табуизирани теми (инцест, канибализам, полигамија). На композициско ниво, авторот со промена на раскажувачкото гледиште постојано си подигрува со очекувањата на читателите и така постигнува моќни ефекти.

Поради тоа што приказната почнува со убиство, може да се означи како криминалистички роман, а поради тоа што во романот се плетат и се раскинуваат врски, може да се означи и како љубовен роман, но всушност станува збор за неконвенционална и мошне бизарна психолошка драма.
Ова е провокативен роман што крши табуа, не се плаши да зборува за најскриените и ниските страсти. Фасцинантна студија за тоа зошто им се предаваме на страстите и што ни прават тие, спакувана во компактна, нелинеарна, стилски разновидна и, пред сè, тотално исконска приказна.

- Реклама -