Рокас: Планот за раст не е замена за членството во ЕУ, туку понуда која ќе го надополни и забрза процесот на пристапување

Евроамбасадорот на денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања рече дека дека предизвиците кои престојат околу Планот за раст се поврзани со воспоставување на национални структури за имплементација, мониторинг и известување, а знаејќи ги слабите административни капацитети во земјата, соработката и координацијата на Министерството за европски прашања и Министерството за финансии ќе биде од суштинско значење за да се постигнат соодветни резултати

Планот за раст е јасен показател за посветеноста на Европската Унија (ЕУ) кон нашите партнери од Западен Балкан за тоа дека има кредибилен начин и пат кон пристапувањето во Унијата, но важно е да се напомене дека Планот не е алтернатива на проширувањето, туку понуда која ќе го надополни и забрза процесот на пристапување.  

Ова денеска го кажа шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Микалис Рокас на презентацијата на Реформската агенда на Владата (2024-2027), која се однесува на Планот за раст на Европската комисија на седницата на собраниската Комисија за европски прашања.  

Од обраќањето на евроамбасадорот Микалис Рокас на денешната седница на Комисијата за европски прашања во Собранието / Фото: Принтскрин

Инструментот за реформи и раст, како што рече тој пред членовите на Комисијата, е суштински дел од Планот за раст и е дополнување на ИПА-инструментот за пристапна помош и останатите механизми.  

Рефорската агенда која ја претставува Министерството за европски прашања, според евроамбасадорот, е одраз на најважните приорети за кои Северна Македонмија доби индикативна распределба на 750 милиони евра.   

„ЕК веќе ја прифати реформската агенда која има високо ниво на амбиција. Ослободувањето на овие средства ќе биде условено со успешна имплементација на реформските агенди за нашите партнери од Западен Балкан покривајќи ги и реформите во областа темелени вредности и социо-економските реформи во тесна соработка со ЕК. Собранието има навистина важна улога во овој процес. Следниот чекор е ратификацијата на Инструментот и Договорот за заемот од страна на Собранието. Ова ќе и овозможи на земјата да го побара претходното финансирање за реформите, кое изнесува 7 отсто, односно околу 52,5 милиони евра за вашата земја“,

рече Рокас. 

Евроамбасадорот истакна дека предизвиците кои престојат се поврзани со воспоставување на национални структури за имплементација, мониторинг и известување, а знаејќи ги слабите административни капацитети во земјата, соработката и координацијата со Министерството за европски прашања и со Министерството за финансии, рече, ќе биде од суштинско значење за да се постигнат соодветни резултати. Тој истакна дека и коорднацијата меѓу донорите и комуникацијата со сите чинители ќе биде важна за да нема загуба на доспеаните средства ниту удвојувања.  

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, на седницата истакна дека реформите предвидени во, сега веќе одобрената Реформска агенда од страна на ЕК, имаат за цел да го забрзаат процесот на интеграција и истовремено да ја унапредат нашата економија, правниот систем, јавната администрација, како и да ги зајакнат правата на граѓаните, особено во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата. 

„Имплементацијата на оваа агенда ќе биде внимателно следена, при што ќе се воспостави национална структура за надзор на известувањето, оценувањето и механизмите за ревизија согласно барањата утврдени во Регулативата за инструмент за реформи и раст“,

рече Муртезани. 

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани / Фото: МИА

Тој изрази увереност дека спроведувањето на Реформската агенда, заедно со континуираното усогласување на нашиот правен и институционален систем со оној на ЕУ, ќе обезбеди неопходна основа за забрзана, суштинска интеграција во Европската Унија. 

Имплементацијата на овие реформи, рече Муртезани, ќе бара колективни напори, не само од Владата и Собранието, туку и од граѓанското општество, приватниот сектор и пошироката јавност. 

На седницата присустуваше и свое обраќање имаше и претседателката на државата Гордана Сиљаноска – Давкова која оцени дека Планот за раст е чекор за поздравување, бидејќи, како што кажа, досега не сме имале партнерство меѓу ЕУ и Западен Балкан кое ќе овозможи учење во од, со финансиска помош која ни е потребна и која води до единствениот европски пазар. Според неа тоа е многу важно оти резултатите ќе бидат заеднички, а и одговорноста ќе биде сподлена. Таа е оптимист дека Реформската агенда е остварлива. 

„Мислам дека вреди да се биде оптимист. Знаете колку пати сум ја критикувала ЕУ дека после Солун немала вистинска стратегија за Западен Балкан, дека доцнела, дека некогаш не преземала одговорност, ова е мислам еден исчекор. Значи имаме агенда, нејзиното спроведување велиме дека не е невозможно, разбрани сме, не поддржуваат. Тоа е веќе европско-балкански чекор и мислам дека од успехот или неуспехот на овие процеси, а јас верувам дека ќе бидеме успешни, тоа и денес ми се докажува, дека навистина Планот за раст и Реформската агенда ќе можеме да ги направиме реалност. Тоа ќе биде инспиративно и за сите други, но, најинспиративно ќе биде за довербата кај граѓаните, бидејќи се надевам дека кога ќе се видат првите резултати на европеизација, хомо балканикус ќе се почувствува дека е хомо политикус, а граѓаните ќе почувствуваат дека имаат европска иднина, но не како цел туку како нешто што се остварува“,

рече Сиљановска-Давкова. 

Од обраќањето на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова / Фото: Кабинет на претседателот на РСМ

Во дебата во Собранието, таа укажа дека во порцесот најважен е капацитетот на тие 20 институции вклучени во имплементацијата на реформите, а во Владата најважна е, вели, соработката и капацитетот на министерствата за европски прашања и за финансии. Во однос на трошењето пари, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека не смееме да заборавиме дека сега постои механизам според кој мора да ги вратиме парите ако се утврдат неправилности со мерките.  

„Значи од една страна внатрешната контрола е многу битна по мене, а од друга страна можеби најбитна е контролата од страна на ревизорите. Ние имаме убаво мислење, со право, за Државниот завод за ревизија, ама сега тој добива дополнителни надлежности за контрола. По мене тоа се тие клучни мерки на кои треба да се концентрираме“,

рече претседателката на државата.  

Потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски, кој претседаваше со седницата, во своето обраќање истакна дека она што е важно е што Планот за раст како политички инструмент е таков што не може да биде блокиран од која било земја членка заради одрдени политички несогласувања или некакви нерационални спорови. Оставарувањето на Планот за раст на ЕК зависи, рече тој, исклучиво од капацитетот на земјата да реализира што повеќе реформи во овие шест области. 

Од денешната седница на Комисијата за европски прашања во Собранието на која беа презентирани Реформската агенда на Владата и Планот за раст / Фото: Сектор за односи со јавност на Собранието на РСМ

Реформската агенда е подготвена во тесна соработка со ЕК и ќе опфати приоритетни области како реформи на јавната администрација, енергетската транзиција, кибер безбедноста, дигитализацијата, развојот на човечкиот капитал и подобрувањето на деловното опкружување кои се клучни за подобрување на стандардот на граѓаните и обезбедување долгорочна стабилност и напредок за државата.  

Денешната седница на Комисијата за европски прашања е воведна расправа за Реформската агенда усвоена од Владата, а вакви расправи, претседателот на Комисијата најави дека ќе има на секои шест месеци, по потреба и поскоро за да се врши надзор на динамиката на реформите што власта ги предвидела со ЕК. Се очекува наскоро да се формира и составот на Националниот совет за европски прашања, со кој ќе претседава опозицијата. 

- Реклама -