Роднини пријавуваат стотици исчезнати, четири болници и 90% од хотелите во Бејрут се оштетени

 

Стотици луѓе се пријавени за исчезнати во Бејрут од страна на нивните роднини, по вчерашните експлозии, што ги зголемува стравувањата дека бројот на загинати далеку ги надминува првичните груби проценки од „најмалку 100 жртви“, изјави за медиумите либанскиот министер за здравство Хамад Хасан, пренесува CNN.

Поради големиот број на повредени и потенцијалните преживеани под урнатините, тој најави итно поставување на осум полски болници, кои ќе пристигнат како помош од Катар, Иран, Кувајт, Оман и Јордан.

Експлозијата оштети четири градски болници кои сега поради тоа се надвор од употреба. Преостанатите болници се преплавени од луѓе и жртви. Видеата на социјалните мрежи сведочат за исполнетите ходници и кpв насекаде по ѕидовите и подовите.

За размерот на експлозијата говори и фактот што, според претседателот на Либанската федерација на хотелиери, оштетени се 90% од хотелите во главниот град.

Во последните години Бејрут успеа да привлече сѐ повеќе туристи, достигнувајќи 2 милиони посетители во 2018 година.

- Реклама -