Родителите во прашалници, зошто да ги плаќаат сметките кога не ги користат услугите на градинките

Една од превентивните мерки беше и затворање на градинките. Со одлука на Влада тие се затворени од 10 март, што значи оттогаш децата не одат во градинка но сметките редовно пристигнуваат. До редакцијата на весникот ВЕЧЕР пристигнаа многу жалби од родители кои коментираа дека и покрај тоа што не ги користат услугите на градинката, сметките мора да ги плаќаат. И на социјалните мрежи има низа коментари од родители кои се жалат дека децата не одат во градинка затоа што државата така одлучила и затоа сметаат дека не треба да ги плаќаат сметките за месеците март, април и мај, односно за тие месеци да плаќаат само паушал.

-За што треба да платиме кога децата не одат во градинка од 10 март и не ги користат услугите на градинката. Ова е сериозно или некој мајтап си игра со нас, е коментарот на еден родител кој добил електронска сметка за градинка за месец април.

Други родители исто така коментираат дека не им е јасно како за март да плаќаат цел износ од 1.490 денари кога децата оделе во градинка само 10 дена. И во април кога децата воопшто не оделе во градинка добиле електронски сметки, кои иако не биле на цел износ, сепак биле високи. Револтот кај родителите е уште поголем со оглед на фактот дека сметките за месец март во некои други градинки биле само на половина од износот кој тие требало да го платат за истиот месец.

-За март имаме уплатници што ни ја дадоа на почеток на март, а потоа рекоа дека тоа ќе биде и за месец април, меѓутоа во април добивме електронски сметки за половина месец. Од градинката ми рекоа дека наводно во мај ќе правеле пресметки и ќе виделе кој платил помалку, кој повеќе. Направија голема забуна со сметките и ќе чекаме до мај за да видиме како ќе се реши ова, коментира една мајка на социјалните мрежи.

Друга пак, коментира дека нема логика да плаќаме за март, бидејќи само 10 дена беа во градинка, а плаќаме за цел месец плус 830 денари за април. Според мене, овие 830 денари треба да бидат за март, а во април да се плати само паушалот за чување на место во градинка.

Постои Правилник за утврдување на цените на услугите кој ги дава градинката и износот на надоместокот на трошоците за престој на децата што паѓа на товар на родителите. Според овој Правилник родителите се должни да го платат износот на надоместокот на трошоците за престој само доколку децата ги користат услугите на градинката.

Една учителка од градинка на социјалните мрежи коментира дека кога ќе заврши вонредната состојба и кога градинката ќе почне со работа родителите кои сметаат дека сметките им се високи може да отидат кај благајничката и да им пресмета колку треба да платат. Напиша: „Уплатниците ги подготвуваат во администрација и ние немаме врска со тоа“.

Градинките ќе почнат со работа кога Комисијата за заразни болести ќе даде зелено светло

Министерството за образование објави дека се уште нема план што ќе се случи со градинките и кога тие ќе почнат со работа, препораката ќе ја даде Комисијата за заразни болести, а одлуката ќе ја донесе Владата.

-Во врска со започнување со работа на градинките, како и за сите мерки, препораката ќе ја даде Комисијата за заразни болести, грижејќи се, пред сè за здравјето на децата и вработените додека одлуката ќе ја донесе Владата. Секако дека ќе се води сметка и за фактот дека децата не смеат да останат без грижа, велат од Министерство за труд и социјална политика.

Оттаму додаваат дека на сила сè уште е мерката еден од родителите да биде ослободен од работа.

За вработените лица во институции и компании, кои имаат дете до 10 години или активно во четврто одделение, за кои е потребна грижа во домашни услови, едниот родител е ослободен од работа додека отсуството во овој период ќе се евидентира како оправдано од работодавецот. И покрај ваквата мерка на Владата, Министерството нема одговор како ќе постапат со градинките по завршување на вонредната состојба, односно кога родителите ќе се вратат на нивните работни места. Оваа одлука се очекува да биде донесена на една од наредните седници на Владата. Во соседна Србија градинките се отвараат на 18 мај.

- Реклама -