Родени во ерата на рамноправноста

Што значи да си жена, ако ти е определено да бидеш еднаква со мажите? Како да бидеш силна и да останеш послаба?

zena

Една приказна од животот …

Имавме гости. Обични луѓе со обични достигнувања. Во разговорот почнаа да разговараат за некоја нивна колешка,  поточно за фактот дека ја зафатиле годините. Тие стоеја и гласно се смееја, додека рацете и пивските стомаци им се тресеа. Помислив дека зборуваат за жена која има околу седумдесет, но сепак решив да прашам. Се испостави дека … таа има 40 години, а ја нарекуваат “старата”. Продолжуваа да пијат, да дискутираат и да се кикотат, а јас отидов во другата соба и се растажив. Поради неправдата, заради неа, заради себе, заради сите жени …

Понекогаш мислам дека е проклет денот во кој сум се родила како жена. Само поради овој факт излегува дека сум им должна на сите. Јас треба да сум независна, а сум должна секогаш да бидам долу на земјата, да се справам со животот и да заработувам пари.

Во исто време морам да учам исто со момците, да си паравам пат во животот исто со момците и да заработувам исто со нив. И тука има еден мал проблем … Знаете ли всушност во што се состои најголемата неправда? Сето ова треба да го правам “на високи потпетици”!

Не е прашањето во тоа дека секогаш треба да носам високи чевли (иако ако не носам, ќе ме сметаат за недоволно женствена). Јас треба да ги одржувам рацете во идеална состојба, моето лице треба да е беспрекорно, и се разбира, да не му дозволувам на своето тело да се одмори. Треба да се шминкам секое утро, да облекувам убава облека, да готвам неверојатно вкусни јадења, а исто така и да го одржувам домот во совршен ред. Најдобро е да станувам еден час порано, за да успеам да се справам со обврските пред работа.

Се разбира, сето тоа треба да го правам со свои пари. Ако му ја должам убавината на својот маж, се претворам во спонзоруша. Во исто време не треба да трошам премногу, иако козметичката индустрија не дава ништо на кредит.

Прочитајте и:  „Што носеше кога сама си го бараше?“

Ако дома понекогаш е “лудница”, тогаш во секој случај јас сум виновна, бидејќи девојките се одговoрни за чистотата и редот. Ако не сум здрава и изгледам лошо, подобро е да не излегувам пред луѓето – девојките секогаш треба да се совршени! Ако не им посветувам доволно време на децата, веднаш следува заклучокот дека сум лоша мајка, бидејќи девојките треба … и така, списокот е бескраен.

Притоа мажите многу често воопшто не ме сфаќаат сериозно – “Абе, жени …” Некои си дозволуваат и надмен поглед.

Тие одлучуваат  дали сум уште привлечна и до кој степен заслужувам внимание. Тие постојано ме споредуваат со оние кои се дури и малку помлади и не пропуштаат да го потенцираат тоа пред мене. Но јас не можам да удрам по масата. Јас сум девојка. Јас сум дама. Треба да сум воздржана и да простам. На крајот за секоја жена што ќе забележи поголем успех од нивниот велат „Знаела со кого да легне“.

Листата со моите одговорности одамна е изедначена со онаа на мажите, впрочем ние го баравме тоа, сакавме рамноправност, не знаејќи колку е тешко.

Се сетив на фразата: “Тешка е женската судба – треба да има мозок како маж, нежни раце, да изгледа помлада и да работи како коњ. И секогаш да се насмевнува, секогаш! “

И ете, се качив на моите потпетици, облечена со кратко чипкано фустанче и совршен маникир … Го истрчав истото растојание што и мажите – само што тие го истрчаа со удобни чевли и спортски панталони. Студениот ветер ме пробива под прецизната чипка, нозете ми пулсираат, а тенките чорапи се толку убави … но не држат топлина. И трчам…

Продолжувам да се натпреварувам …  Се смеам, па јас сум родена во ерата на рамноправноста.

Јас сум жена. Јас сум најсилното суштество на земјата … Боже мој, колку ми се плаче!

„Морена“

- Реклама -