Роботот Рејнџер од Корнел поставил нов светски рекорд на 2 мај откако поминал 65 километри со одење, на едно полнење и без да застане или да биде допрен од човек. Рејнџер, изграден и програмиран во лабораторијата за Биороботика и Локомоција предводена од професор Енди Руина, започнал да оди малку по 2 часот напладне на први мај.
65 километри подоцна роботот застанал ненадејно во девет часот навечер на втори мај, по 30 часа, 49 минути и 2 секунди непрекинато одење. Како загревање за подвигот Рејнџер изодел 30 кругови за Штафетата за Живот организирана од American Cancer Society, одржана еден ден претходно.
Претходниот рекорд на Рејнџер бил 23 километри, поставен минатиот јули. Пред тоа роботот Бигдог, четвороножен, теренски робот од Бостон Динамикс, поминал 20,5 километри со едно полнење. Новата цел на Корнел била создавање на робот кој ќе изоди цел маратон (42 километри) со едно полнење, подвиг кој Рејнџер го остварил за малку повеќе од 20 часови, по што продолжил да оди.
Како контраст, на популарниот прв роботски маратон одржан во Осака, Јапонија, во февруари роботите постојано добивале ново полнење. „Кон крајот почнувавме да го чувствуваме заморот“ изјавила Виолета Кроу, студент по инженеринг и еден од управувачите на Рејнџер за време на неговиот подвиг. „Целта на истражувачките проекти финансирани од Националната Научна Фондација е разбирање на одењето преку негово повторно измислување“ изјавил Руина.
Рејнџер има шест мали компјутери кои извршуваат околу 10.000 линии компјутерски код. Програмите се повторуваат во циклус секој петстоти дел од секундата. Роботот исто така има десетици електрични и механички сензори. Електрониката користи 4,7 вати енергија. „Потребен беше малку напор за да составиме компјутери, сензори и комуникации кои ќе користат малку енергија“ изјавил Џејсон Кортел кој дизајнирал поголем дел од електрониката на Рејнџер. „Се надеваме дека ќе можеме да го искористиме она што го создадовме во покомплексни роботи.“ [Robot walks a 40.5-mile ultramarathon without recharge (w/ video)]