Адријано Галијани заврши половина од обврските за време на службеното патување во Бразил, договарајќи го трансферот на Робињо во таборот на Фламенго.
Неколку бразилски медиуми ја објавија информацијата дека Фламенго успеал да постигне договор со Милан околу трансферот на Робињо вреден 10 милиони евра, но најмногу благодарение на својот спонзор „Адидас“, кој што се согласил да плати три четвртини од вредноста на овој трансфер.
Челниците на Фламенго обезбедиле 2,5 милиони евра што самите ќе му ги исплатат на италијанскиот гигант, па Робињо веќе во текот на денешниот ден би требало да го стави својот потпис на договорот со „црвено-црните“ од Рио де Жанеиро.
Откако експресно ја среди продажбата на Робињо, првиот оперативец на Милан во следните неколку дена го очекуваат разговори со челниците на Коринтијанс околу трансферот на Александре Пато. И овој голгетер јавно побара од управата на Милан да му биде дозволено да ги смени клупските бои и да се врати во татковината, но останува да се види дали Коринтијанс ќе се согласи да плати 20 милиони евра, сума на која што Милан го има проценето талентираниот напаѓач.
Од продажбата на овие двајца фудбалери „росонерите“ би собрале 30 милиони евра, сума што ќе биде сосема доволна за да го ангажираат Марио Балотели од таборот на Манчестер сити.