РКЕ: Техничка можност за непречен проток на природен гас кон земјава има, сепак состојбата зависи од одлуките на Русија

Цевководот што минува низ Бугарија може да служи како транзитен вод за Македонија, со што има техничка можност за непречен проток на природен гас кон земјава, посочија денеска од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), откако Русија одлучи да ја стопира испораката на природниот гас кон Бугарија.

Во однос на тоа дали новата ситуација ќе се одрази врз снабдувањето на државава, од РКЕ посочуваат дека состојбата е комплексна и зависи од одлуките што ќе ги донесе Русија.

„Според достапните информации со кои располагаме, ‘Макпетрол’, кој е долгогодишен трговец со природен гас, ги има подмирено обврските кон ‘Газпром’ навреме, што подразбира стабилна испорака на природен гас. Сепак, состојбата е комплексна и континуирано се следи и зависи од одлуките што Русија ќе ги донесе – дали ќе ја прошири листата на земји кон кои ќе ја стопира или ограничи испораката на природен гас“, велат од РКЕ.

Од Комисијата уверуваат дека во континуитет ја следат состојбата на пазарот со енергенси и во време на енергетска криза секојдневно се обезбедуваат информации од сите чинители на пазарот.

Притоа, од РКЕ упатуваат на легислативата според која, согласно членот 13 став 7 од Правилата за снабдување со природен гас, потрошувачот е должен „да обезбеди услови за користење на алтернативна енергија“ во случај да нема природен гас. Тоа, како што велат од комисијата, значи дека „сите кои користат природен гас се должни да имаат алтернативно гориво, како што е: мазут, ТНГ, компримиран природен гас или екстра лесно гориво“.

Извор: МИА

- Реклама -