Министерот Борко Ристовски го појасни процесот и критериумите Националните спортски федерации, клубовите и спортистите во наредните денови ќе ги добијат средствата од државните субвенции коишто ги доделува Министерството за спорт. Административниот процес е завршен и се очекува да започне исплатата на средствата, по новата поефикасна и поедноставена процедура, најави министерот за спорт Борко Ристовски на вчерашното гостување во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ24.
Министерството за спорт и Владата обезбедија 550 милиони денари или нешто помалку од 10 милиони евра коишто се наменети за субвенционирање на спортот, нешто што не беше обезбедено од претходната Влада. Доколку не дојдеше до промена на власта и доколку не се конституираше новото Министерство за спорт, јас одговорно тврдам дека ќе немаше субвенции и државна помош за спортот затоа што тие пари не беа предвидени во буџетот за оваа година, односно претходната власт во буџетот имаше предвидено „нула“ пари за спортот. Ова е еден огромен чекор и на Министерството за спорт и на оваа Влада затоа што со ребалансот на буџетот ги обезбедивме овие средства. Сумата е нешто помала од претходните 615 милиони денари, меѓутоа ако земеме предвид дека се 550 милиони денари за само неколку месеци до крајот на фискалната година, ќе видиме дека тоа е, и тоа како, голема помош, истакна Ристовски.
Во завршната фаза од процесот за доделување на државните субвенции во спортот, од Министерството за спорт е испратен допис до сите национални спортски федерации кои до клубовите треба да ги проследат задолжителните обрасци, за да можат во најкус можен рок да ги пополнат и да ги достават до Министерството за спорт за што побрзо да почне исплатата на средствата. Министерот Ристовски појасни дека исплатата ќе се одвива сукцесивно, што значително ќе ја скрати целата постапка.