Рецепт за еклери со чоколаден прелив

Десертот е највкусен, доколку го подготвите самите.

Состојки:

Тесто:

200ml вода
125g маргарин (½ коцка)
1 шолја брашно
5 јајца
2 ч.л. сол

Фил:

500ml слатка павлака (хопла)
200g шеќер
20g ванилин шеќер (2 кесички)
Прелив:
150g чоколадо за готвење
60g маргарин (¼ коцка)

Подготовка:

Ставете мало тенџере на среден оган. Додајте ја водата, маргаринот и солта. Оставете водата да зоврие.

Во зовриената вода ставете го брашното и убаво мешајте со дрвена лажица на тивок оган, сè додека не добиете хомогено тесто што ќе почне да се одделува од ѕидовите на садот. Преместете го тестото во друг сад и оставете го настрана да се олади.

Во меѓувреме, пригответе го филот. Во голем сад ставете ја слатката павлака, шеќерот и ванилиниот шеќер. Убаво изматете или мешајте со миксер, додека не добиете густ фил. Покријте го садот со фолија и ставете го во фрижидер.

Во претходно изладеното тесто, додајте едно јајце. Убаво промешајте ја смесата, па додајте го наредното јајце. На ваков начин додавајте ги едно по едно и преостанатите јајца, притоа постојано мешајќи. Треба да добиете хомогена еластична смеса.

Со смесата наполнете готварски шприц и користете го најголемиот отвор за шприцот. Врз плех обложен со хартија за печење, направете 9 цилиндри долги околу 15cm, а широки околу 3cm. Во текот на печењето еклерите ќе го зголемат својот волумен, па затоа оставете простор меѓу нив. Ставете ги да се печат 25-30 минути во претходно загреана рерна на 190°C. Откако ќе се испечат, исклучете ја рерната и сосема малку подотворете ја. Исклучително важно е да ги оставите еклерите да се изладат внатре во рерната.

Додека еклерите се ладат, пригответе го преливот. Растопете ги на пареа чоколадото и маргаринот. Ако немате соодветен сад за готвење на пареа, можете да ги растопите на тивок оган, притоа постојано мешајќи.

Откако еклерите ќе се изладат, расечете ги хоризонтално со остар нож од едната страна. Со лажица наполнете ги со приготвениот фил. За крај, секој еклер прелијте го со течното чоколадо.

- Реклама -