Мерилин Монро, родена како Норма Џин Мортенсон (на 1 јуни 1926 – 5 август, 1962) но крстена и одрасната како Норма Џин Бејкер е американска актерка, пејачка и модел.
Откако минува голем дел од своето детство во згрижувачки семејства, Монро ја започнува својата кариера како модел, по што, во 1946 година, го склучува својот прв филмски договор. Нејзините рани појавувања на филмското платно се помали, но нејзините изведби во Џунгла на асфалтот и Сè за Ева (двата во 1950) беа добро примени. До 1953 година, напредокот во кариерата на Монро ќе ја доведе до главните улоги. Нејзината „глупава русокоса“ персона беше искористена за комичен ефект во филмови како Мажите повеќе сакаат русокоси (1953), Како да се омажиш за милионер (1953) и Седум години верност (1955). Ограничена од изборот на улоги, Монро студира во Актерското студио со цел да го прошири својот актерски опсег, па нејзината драматична изведба во Автобуска станица (1956) е поздравена од критичарите и таа добива номинација за Златен глобус. Нејзината продуцентска куќа, Мерилин Монро Продукција, го снима Принцот и танчерката (1957), за кој таа добива номинација за БАФТА наградата и ја освојува Наградата Давид ди Донатело. Со Златен глобус, Монро се закитува за својата изведба во Некои го сакаат тоа жешко (1959).
Последните години од животот на Монро се обележани со болести, лични проблеми и репутација на несигурна личност, тешка за соработка. Околностите за нејзината смрт, од предозираност од барбитурати, се предмет на истрага. Иако официјално се смета за „веројатно самоубиство”, можностите дека се работи за случајно предозирање, а, исто така, и убиство – не се исклучени. Во 1999 година, Американскиот Филмски Институт ја прогласува Мерилин Монро за шеста најголема филмска ѕвезда во историјата. Во годините и децениите по нејзината смрт, Монро често е наведувана како поп и културна икона, а исто така и и како знаменит американски секс симбол. Во 2013 година, Монро била постхумно избрана за новото заштитно лице на познатиот парфем “Шанел 5”.