Реформите ќе бидат на врвот на агендата, порача Мисајловски при преземањето на министерската функција во Одбрана

„Во исполнување на сите овие мои заложби, активно ќе соработувам со претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили со целокупното раководство на Генералштабот на Армијата и сите други инволвирани институции од извршната власт во системот на одбрана, како и унапредување на соработката на највисоко ниво со нашите стратешки партнери“, рече меѓу другото новиот министер за одбрана

Инаку, во своето обраќање Мисајловски не го користеше уставното име на државата, туку употребуваше само Македонија, а кога зборуваше за Армијата на Република Северна Македонија, го користеше само терминот Армијата или Армијата на Македонија

Новиот министер за одбрана Владо Мисајловски денеска на свеченост со воени почести ја презеде функцијата од досегашниот заменик-министер на оваа институција, Тирон Јајага.

Новиот министер за одбрана, Владо Мисајловски / Фото: Принтскрин

Во своето обраќање на свеченоста, Мисајловски се обврза дека ќе работи на јакнење на меѓународниот углед и позицијата на државата ветувајќи враќање на достоинството на Армијата, инвестиции во нова опрема, во инфраструктурата и во човечки ресурси.

Новиот министер за одбрана го посочи членството на земјава во НАТО, за што кажа дека е систем кој обезбедува на сите наши сограѓани безбедност, која е клучна за сеопфатен општествено-економски развој, кој е, како што рече, еден од најважните стратешки приоритети на оваа влада.

„Приоритет ќе биде целосно активирање на сите расположливи ресурси на државата во функција на заштита на нашите национални и државни интереси, а во согласност со обврските кои произлегуваат од членството во НАТО, со цел обезбедување на предуслови за стабилен економски и социјален развој на Македонија“,

рече Мисајловски.

Во таа насока, тој порача дека реформските процеси ќе бидат на врвот на агендата, со што ќе зајакнат процесите на модернизација на Армијата, меѓународната соработка и другите елементи од оваа сфера.

„Согласно целите на способност на НАТО соодветно ќе ја ажурираме стратегиската рамка која е основа за имплементација на реформските процеси во клучните области на одбраната. Со овие реформи соодветно ќе се зајакнат процесите на модернизација на Армијата, меѓународната соработка, системот на човечки ресурси, образованието и обука на персоналот, логистичката поддршка, воената инфраструктура, комуникацискиот систем и сајбер одбраната“,

рече новиот министер за одбрана.

Од свеченоста по повод преземањето на функцијата министер за одбрана / Фото: Принтскрин

Мисајловски кажа и дека цврсто ќе се заложи за исполнување на обврската за издвојување на бараните два отсто од бруто-домашниот производ (БДП) за одбраната согласно стандардите на НАТО.

Во овој дел тој вети зголемување на реализацијата на капиталните расходи и значително намалување на сите досегашни непродуктивни трошоци.

Вработувањата во Армијата Мисајловски рече дека ќе се спроведуваат според објективни, транспарентни и прецизни критериуми, кои ќе важат и при изборот и упатувањето на вработените на стручно усовршување, а за дипломатските и мировните мисии во странство ќе се одлучува, како што кажа, врз основа на стручност, заслуги и исполнување на меѓународните и стандардите на НАТО.

„Во исполнување на сите овие мои заложби, активно ќе соработувам со претседателот на Републиката, како врховен командант на вооружените сили со целокупното раководство на Генералштабот на Армијата и сите други инволвирани институции од извршната власт во системот на одбрана, како и унапредување на соработката на највисоко ниво со нашите стратешки партнери. Ќе се ангажирам посветено во ресорот. Министерството и Армијата ќе бидат огледало на државата бидејќи како земја членка на НАТО, Армијата е најголем амбасадор на државата“,

рече Мисајловски.

Инаку, во своето обраќање Мисајловски не го користеше уставното име на државата, туку употребуваше само Македонија, а кога зборуваше за Армијата на Република Северна Македонија, го користеше само терминот Армијата или Армијата на Македонија.

„Посветено ќе работам за Македонија да биде горда на својата Армија. Да живее Армијата на Македонија! Да живее Македонија!“,

рече Мисајловски на крајот од своето обраќање.

Досегашниот заменик-министер за одбрана Тирон Јајага, предавајќи ја функцијата министер, во своето кусо обраќање рече оти е убеден дека Мисајловски со посветеност ќе се погрижи да ја унапреди визијата на оваа институција, а тоа е, како што рече, достоинствено да бидеме претставени пред светот НАТО и другите партнери.

„Преземате институција со силни темели и тим од професионалци кои во минатото успеале да покажат дека можат да постигнат големи нешта и ќе продолжат да работат секојдневно за подобрување на функционалноста на оваа институција со цел гарантирање на професионална Армија“,

рече Јајага.

Момент од обраќањето на досегашниот заменик-министер за одбрана, Тирон Јајага / Фото: Принтскрин

На денешната свеченост по повод примопредавањето на функцијата министер за одбрана меѓу присутните беа началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, пратеникот во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, заменик-началникот на Генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во Министерството за одбрана Владимир Анчев и вработените во Министерството за одбрана и припадниците на Армијата.

Дел од присутните на денешната свеченост / Фото: Принтскрин

- Реклама -