Новинската агенција на албански јазик – „Журнал“, повикувајќи се на партиски извори, објави дека пратеникот на Алтернатива – Скендер Реџепи-Зајд, нема да го поддржи новото мнозинство поради тоа што дел од него е и, како што пишува агенцијата, „контроверзната“ Левица на Димитар Апасиев.
Според изворите на агенцијата, Реџепи е категорично против соработка со Левица – партија која, според „Журнал“, веќе е широко позната како анти-НАТО, анти-ЕУ и антиамериканска, како и против Договорот од Преспа, рамковниот Охридски договор и против албанскиот јазик. Според „Журнал“, Реџепи ќе побара од неговата партија да се повлече од овој договор.
Според истиот извор, до моментот на средбата на мнозинството во собранието за потпишување на новото мнозинство, Алтернатива како партија не била информирана дека во ова ново мнозинство е и Левица на Апасиев. Наместо тоа, нивните информации биле дека вклучена ќе биде ЛДП на Горан Милевски. Оттаму, Реџепи бара неговата партија да се повлече од мнозинството. Во спротивно, тој нема да го даде неговиот глас за оваа влада, пишува „Журнал“.