Пратеникот од Алтернатива – Скендер Реџепи, вечерва потврди дека го прифаќа предизвикот кој денеска му го предложи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Мицевски: Да се потпише на нова иницијатива за гласање недоверба на Владата, во која нема да учествува Левица.
„Начелно го прифаќам предизвикот на Мицевски, утре претседателството на Алтернатива ќе ја донесе конечната одлука“, изјави Реџепи за „Слободен печат“.
Со ваквата изјава, Реџепи ги потврди претходните најави дека конечниот став по иницијативата за гласање недоверба на Владата, Алтернатива ќе го донесе утре.
Реџепи вчера изјави дека бил „прелажан“ да се потпише на иницијативата за новото парламентарно мнозинство, нагласувајќи дека не сака да учествува во уривањето на Владата заедно со пратеници од Левица. Тој дури најави и дека ќе ја напушти Алтернатива, доколку партијата заедно со Левица учествува во уривањето на Владата.
Мицевски денеска преку Фејсбук му понуди на Реџепи да поднесат нова иницијатива за изгласување недоверба на владата на која тој би се потпишал заедно со уште 19 пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Колега Скендер Реџепи, да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа Ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ“, напиша Мицевски на Фејсбук.
МИА