Реалната приказна што го инспирираше „Егзорцизмот на Емили Роуз“ е уште пострашна

Во 1975 година, Анелиз Мичел покажуваше несомнено бизарно и наежувачки морбидно однесување. Нејзината мајка веќе не знаеше што да направи, па ја контактираше Католичката црква да ѝ изврши егзорцизам на својата ќерка.

Анелиз слушаше гласови и пројавуваше насилна реакција кон религиозни објекти – што се сметаше за основен знак на опседнатост со демони – во што веруваа и нејзините родители. Токму приказната за егзорцизмот на Анелиз Мичел е основата за филмот од 2005 година – „The Exorcism of Emily Rose“. Но нејзиното однесување и нејзината смрт беа далеку пострашни од тоа што Холивуд би можел да го смисли или претстави.

Растење со ригорозна религиозна мајка 

Родена во 1952 година, Анелиз пораснала во Германија, живеејќи со своите баварски родители и своите брат и сестра. Родителите на Анелиз имале ќерка и пред таа да биде родена, но детето (Марта) починало на 8-годишна возраст. Смртта на Марта резултирала со тоа мајката на Анелиз да ѝ наметне огромен притисок, особено кога се работело за молитва и религиозна посветеност.

Анелиз била одличен ученик, а особено добро ѝ оделе јазици. Другите ја опишувале како среќна, игрива и расположена, но потврдуваат дека била под постојан надзор на своите родители. Семејството одело на миса два пати неделно и, заедно со целиот домашен стрес – казните што ги трпела дома уште од мала, резултирало во тоа Анелиз да развие невроза поврзана со религиозна иконографија. Ова ќе го утврдат докторите при разговорите со Анелиз кои ќе се случат многу подоцна, впрочем предоцна.

Симптоми на епилепсија и стигматизација од општеството уште на 16 години

Додека била во училиште еден ден во 1968 година, Анелиз паднала во бесознание на неколку минути и, според нејзините соученици и другари, била во состојба слична на транс. Анелиз подоцна не се сеќавала на настанот и се чувствувала сосема добро. Но, истата вечер, се разбудила со тешко чувство врз телото и го измокрила креветот. Следниот ден останала дома, но бидејќи ништо од наведеното не се повторило, родителите претпоставиле дека сé е во ред и дека се работело за изолиран случај.

Една година подоцна, во август 1969, Анелиз имала сличен напад и била однесена на доктор за да ја утврдат причината. Локалниот доктор (д-р Вогт) ја пратил кај невролог – д-р Зигмунд Лути (Siegmund Luthy). Тој не ѝ утврдил никаква дијагноза, но набрзо по посетата, Анелиз била хоспитализирана поради туберкулоза, во февруари 1970-та. Додека била во болница, Анелиз го добила и третиот напад (и повторно го измокрила креветот), но сега освен што била осамена и депресивна, ѝ се смеело целото детско одделение во кое била сместена.

Набрзо по овој настан, Анелиз почнала да зборува дека гледа чудни бои и слуша чудни звуци, а пројавувала и чувство на еуфорија додека кажувала молитви. Била однесена на тестирање кај друг невролог – д-р вон Халер, кој ѝ дијагностицирал епилепсија и ѝ препишал лекови.

Лековите не ѝ помогнале, па почнала да верува дека е проколната

По извесно време, Анелиз се вратила во училиште, истата таа година (1970). Овој пат била повлечена и депресивна. Продолжувала да добива напади и да посетува доктори, а тоа само ја зголемувало нејзината фрустрација околу ситуацијата. Тоа ја натерало да се посвети на интензивно читање и практикување на католички книги и практики, а откако го завршила средното училиште, се запишала и на колеџ, за да стане учителка. И покрај напорите и лековите кои постојано ги земала, нејзината ситуација се влошила. Веќе во 1973 почнала да халуцинира за време на молитвите и да верува дека е проколната. Била опседната со идејата дека Ѓаволот е во неа, па паралелно со докторите, помош почнала да бара и од свештеник.

Нејзиното однесување се менува на многу полошо

Од 1973 година натаму, однесувањето на Анелиз станува сé поекстремно. Се вели дека знаела да фати и да си ја лиже урината од подот (кога мокрела при напади), да јаде јаглен, да ја раскинува облеката на себе, дури и да јаде бубачки. Почнала да избегнува религиски предмети, како крстови со распнат Исус и света вода, и да пројавува симптоми што Црквата сметала дека се резултат на демонска опседнатост. Нејзиното семејство почнало да очајува и побарало помош од неколку свештеници – да ѝ биде извршен егзорцизам. Свештениците одбивале и го охрабрувале семејството да продолжи со медицински третман. Сепак, со тек на време Црквата попуштила и на Анелиз ѝ бил одобрен егзорцизам „за истерување на злите духови во неа“.

Егзорцизмот требало да биде спроведен во тајност

Свештениците кои се сретнале со Анелиз не мислеле дека е епилептична и ја поддржувале идејата за егзорцизам. Токму по нивна сугестија црквата ќе попушти и ќе го издаде одобрувањето, иако бискупот нагласил дека тоа треба да биде „мал“ егзорцизам спроведен во тајност. Задачата им била доделена на свештениците Арнолд Ренц и Ернст Алт од локалната диецеза. Алт бил свештеникот што и претходно се сретнувал со семејството, и практично тој е човекот што им соопштил дека медицинскиот третман не е доволен да ѝ помогне на Анелиз. По одобрувањето на егзорцизмот, Анелиз престанала да ги пие лековите, а семејството се фокусирало на религиска интервенција.

Анелиз ќе биде подложена на вкупно 67 сесии на егзорцизам

Во период од 10 месеци, свештениците Ренц и Алт ѝ извршиле 67 едночасовни интервенции на егзорцизам на Анелиз. Постојат аудио снимки на кои можат да се слушнат нивните напори, ама и дисторзираниот глас, звуците што ги правела, грчењата, ‘ржењето и другите реакции на Анелиз како одговор на религиозниот ритуал. Таа самата (кога била свесна) го поддржувала егзорцизмот, но како што се зголемувале часовите поминати во „третман“, таа станувала сé послаба и потенка, до степен кога веќе немало назад и медицинска интервенција веќе не можела да помогне.

Дел од аудио снимките се вклучени во видеото во продолжение. ИЧ, АМА ИЧ НЕ ВИ ПРЕПОРАЧУВАМЕ ДА ГО ОТВАРАТЕ ако планирате да спиете во блиска иднина.

Анелиз била опседната од 6 демони, наводно

За време на егзорцизмот, свештениците Ренц и Алт зборувале, наводно, со не помалку од 6 демони што ја опседнувале Анелиз: Луцифер, Јуда Искариот, Нерон, Каин, Хитлер и Флејшман (погубен франски свештеник од 16 век). Со оглед на едукативното минато на Анелиз, подоцна се појавија теории дека таа намерно ги избрала овие луѓе (или демони, зависи кого слушате).

Иако телото ѝ било тенко, Анелиз морала да биде држена, па дури и врзувана со ланци за време на сесиите на егзорцизам. Сето тоа се одразило врз нејзиното тело – кога починала тежела не повеќе од 31 килограм, а аутопсијата покажала дека имала скршени заби, модрици и повреди на дланките, рацете, зглобовите и колената, модри очи, како и дека страдала од сериозна неухранетост и дехидрација.

Во последните моменти пред нејзината смрт на 1 јули 1976 година, отецот Алт и нејзината мајка тврдат дека ја виделе „стигмата“ на нејзиното тело („стигмата“ се раните на Исус пред неговата смрт, најизразени преку тие на дланките и стапалата). Подоцна не се најдени вистински докази за ова тврдење, но Алт исто така се обидел и некои од другите рани и повреди на телото на Анелиз да му припише на религиозниот феномен.

Свештениците Алт и Ренц, како и нејзините родители, во 1978 година се изведени пред суд за убиство од небрижност. Свештениците тврделе дека егзорцизмот бил успешен и дека ја ослободиле Анелиз од демоните што ја опседнувале. Сите обвинети беа прогласени за виновни и добија затворски и парични казни.

Апдејт: Нешто повеќе детали (во сумирана форма) ќе најдете ТУКА.

- Реклама -