Реакцијата на тимот зад „Медена земја“ кога ја слушна веста за двете номинации за „Оскар“ (ВИДЕО)

По долгата низа успеси, признанија и пофални рецензии, македонскиот документарец „Медена земја“ денеска се впиша и во најпрестижните страници на филмската историја, добивајќи номинација за „Оскар“ во не една, туку две категории: Најдобар документарен филм и Најдобар странски филм. Со тоа, не само што Македонија го доби својот прв кандидат за „Оскар“ од „Пред дождот“ на Милчо Манчевски (1995 година) па наваму, туку за првпат во македонската кинематографија еден филм е номиниран во две категории. Но покрај тоа, „Медена земја“ испиша и оскаровска историја – тој е првиот документарен филм во историјата на филмските награди кој е номиниран во две категории!

Оттаму, сосема оправдана (па дури и преблага) е реакцијата со која тимот зад филмот ја дочека веста за номинацијата, а ја пренесуваше кинематографот Самир Љума во живо на својот Фејсбук профил:

Што значат двете номинации на „Медена земја“ за документарниот филм воопшто, тимот објасни на официјалниот Фејсбук профил:

„Пред сѐ, би сакале да се заблагодариме на членовите на Американската Академија (AMPAS) за тоа што го вклучи „Медена Земја“ во трката за најпрестижната филмска награда на светот. Преку жената која случајно ја сретнавме, пред светот се отвори приказна – алегорија на една глобална слика каде хуманото и натуралното се борат да преживеат.

Атиџе и пчелите се прототип за новиот генетски материјал, кој треба да победи во битката на титаните, каде природата се бори со деструктивното. Среќни сме дека светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ја открија големината на човекот, преку големината на единката. Се разнишаа убедувањата дека радоста се крие во поседувањето.

Ова е прв пат во историјата на Оскарите документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку истово потврдува дека документариот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде стои рамо до рамо со фикционалната нарација, а заради својата реалност заслужува посебна опсервација. Провоцира искрено сочувство, кое не се заборава после гледањето на филмот. Големо е достигнувањето на филмот. Големи се фестивалите, кои го слават и величаат. Но уште поголема треба да биде промената на која се надеваме. Таа промена тргнува од секој од нас поединечно.

Филмот повикува на скромност, а кога ја гледаме љубовта во очите на гледачите, силно веруваме дека пораката е препознаена и дека скромноста е новото време низ кое со радост ќе зачекориме.

Уште еднаш, бескрајна благодарност до членовите на Акедемијата што филмот го нарекоа – МАТЕРИЈАЛ ЗАСЛУЖЕН ЗА ОСКАР“, пишува тимот зад „Медена земја“ (Honeyland): режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и кинематографите Фејми Даут и Самир Љума.

- Реклама -