Реакција на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) за законските измени што ги најави Алијанса за Албанците

„Дали во партијата Алијанса на Албанците некој знае дека во Северна Македонија всушност нема хотел со пет ѕвезди, а за да се адаптира некој постоечки или да се изгради нов таков хотел треба огромна инвестиција? Дали се свесни дека нивниот предлог, како и предлогот за дистанцирање на објектите за игри на среќа на 500 метри од образовни институции, се предлози за целосно затворање на конкретната индустрија?“, прашуваат од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), во реакцијата по повод најавата на политичката партија дека ќе поднесе предлог измени на Законот за игри на среќа и забавни игри, согласно кои, како што посочуваат од АПИС, игрите на среќа ќе можат да се одвиваат само во луксузни хотели со пет ѕвезди.

Од АПИС реагираат дека во услови на растечка економска криза како последица на застрашувачките глобални предизвици,неодговорно е да се затвори еден цел економски сектор и најмалку 10 илјади луѓе да останат без работа. Предупредуваат дека државата ќе изгуби околу 280 милиони евра буџетски приходи годишно.

„Се затвора 100% законски бизнис што автоматски ќе предизвика игри на среќа да се играат на црно, во подруми, како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола, ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци“, предупредуваат од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа.

Оттука, во реакцијата, АПИС испрати неколку пораки до (како што посочуваат) сите пратеници, без оглед на нивната политичка и етничка припадност:

Прво, не потпаѓајте на црната кампања која ја води неформалната организација ‘Антикоцкање’ од Тетово. Тие никогаш нема да преземат одговорност за штетните последици кои ќе следат доколку законските измени стапат на сила. Уште повеќе затоа што освен притисок врз политичките партии се прави обид суптилно да се инволвираат и верските заедници. Тоа е апсолутно недозволиво и претставува злоупотреба на верските чувства на граѓаните за оцрнување на секој кој има допирна точка со игрите на среќа.

Прочитајте и:  Алијанса за Албанците: Етничкото чистење на Албанците во институциите продолжи во здравствениот сектор на чело со Таравари

Второ, погрешен е впечатокот дека ние генерално сме против измени на законот за игри на среќа и забавни игри, туку сме против нелогични, погрешни, популистички и политички мотивирани измени.

Трето, ние сме претставници на реномирани странски компании од ЕУ, кои индиректно помагаат меѓу 54.000 до 100.000 работни места во земјата и ред е да бидеме третирани од државата во која инвестираме со години на ист начин како и другите странски инвеститори.

Конечно, постоечката регулатива во Северна Македонија е најстрога на Балканот, бидејќи актуелниот Закон ги опфаќа сите сегменти на контрола на игрите на среќа од сите надлежни институции. Не постои записник на инспекциските служби каде е евидентирано присуство на малолетник во автомат клубовите кои се во наша надлежност, што е исклучителна потврда дека ние сме врвни професионалци, општествено одговорни компании кои го штитат јавниот интерес 100% и неселективно ги спроведуваме законските норми“, се вели во реакцијата.

Клучното прашање, додаваат од АПИС, е: „Ако во цела ЕУ и западна цивилизација има организирани, легални игри на среќа, зошто Северна Македонија, која тежнее да стане членка на европското семејство, би била исклучок?“.

- Реклама -