Живееш во Аеродром, работиш во Центар, а поминуваш повеќе од 20 часа неделно во автобус, патувајќи од дома до работа и назад. Цела среќа што нужниот транспорт од точка А до точка Б е прошаран со низа украси, како што е метежот и свирењето на колите, пратеничките делегации што се чини како намерно да го блокираат сообраќајот само во лето кога е 50 степени и во зима кога во автобусот е смрзнувачка, брчењето на моторот, лошиот вкус за музика на шоферот…
Сепак, најприсутни од сé друго се разговорите на патниците. Ако си бил во Скопје, или во воз, си ги чул. Ако си од Скопје, и ти си ги правел истите. Секаде патниците се некако исти, а исти се и темите на разговор. Единствен начин да ги избегнеш е да се симнеш, затоа што се сеприсутен дел од градскиот живот и ништо не може да ги спречи, па ни гласната музика од автобускиот диџеј. Колку е погласна, толку повеќе патниците ќе се надвикуваат.
Се разбира, откако се појавија смартфони и мобилни пакети со интернет, разговорите на патниците значително се намалија, ама не исчезнаа. И не треба. Зборувањето во јавниот транспорт не е невкусно. Напротив, тоа е зачинот на секое градско патување.
Кога би направиле една кратка заедничка антологија на најчестите разговори, тоа би изгледало отприлика вака:
1. Гласен разговор на телефон
„Ало! ………….. ДА! ……. ДА! …….. ДА! …….. ВО АВТОБУС! … САМО ШТО СЕ КАЧИВ! ………… НА БИТПАЗАР! …”
Ете го, патникот кој секогаш гласно известува каде се наоѓа, што доручкувал, што доклументи поднел во општина и што ќе прави кога ќе се врати дома. Понекогаш извештајот почнува уште за време на качувањето, а во одредени случаи може да се повтори до два, па и до три пати, во рамка од само неколку станици.
2. Носталгични лелекања
„И ебаа мајката на државава… Едно време со две банки (20 денари, за помладите) можеше да купиш леб, млеко и половно Југо…“
Изворот на ваквите ретроспективи обично лежи во возрасната категорија 60+, а кај помладите (кои не разбираат политика, нели) обично се зборува за времето кога јакните не беа 10.000 денари, а патики можеше да се купат за 1000-1200.
Во овие разговори учествуваат и патниците што не се сложуваат со кажаното, но само мисловно, бидејќи секое гласно изговарање на поинаков став гарантира веројатност за фин муабет од 2%, и веројатност за искинати нерви од 102% (мање више).
3. Тинејџерски брборења
„Пеер, кога ќе пиеме бе, а?“
Од тоа кој што и колку испил и колку повраќал, преку тоа кој со кого се смувал, која каков гз имала, па до тоа колку бил тежок тестот по математика/македонски.
Поради возраста на учесниците, овој тип разговор често запира за време на паузите и често ја менува темата, но за разлика од останатите, предизвикува повеќе разни емоции кај слушателот – носталгија, депресија, гордост или завист.
4. Тензични ситуации
Зависно кога и во кој дел на градот, можете да налетате на барем три типа вакви разговори. Едниот е „Што си го дирал брат ми“, кој најчесто се случува заради тоа што си погледнал во насока за која си се излажал дека е слободна за гледање. Друг тип е викање и пцуење кон празен простор или недолжни жени, а обично вклучува пијаници и благо или не баш благо пореметени парталави чичковци со бради. Третиот тип е пицнат дечко или 35-годишник во кожна јакна што од некоја причина кон мобилниот извикува заканувачки фрази како „Кај си ма?! Со кого беше?! Зошто не се јави кога те барав? Ќе се разбереме после!“ и слични.
Повторно, и другите патници учествуваат во овој разговор, чувствувајќи ја тензијата на заканите и на своја кожа.
5. Родителски разговори
„А даааа, он е сега во Англија/Германија/Америка. Да да, се ожени, и деца има… Не, сега е разведен ама… Не не, не дошол, нема време… Со Господ напомош само нека е.“
Тука гордиот родител ги споделува авантурите на синот/ќерката во далечните земји кои во очите на соговорникот треба да звучат егзотично и да го надуваат егото на раскажувачот. Една од поинтересните ситуации, а се случува сé почесто, е кога и двајцата соговорници имаат свој „претставник“ во белиот свет, па цел пат претежно го поминуваат само потврдно климајќи со глава на веќе познатите раскажувања на другиот.
…Има уште многу, ама морам да одам, ми дојде автобусот.