Разговор со поетесата и писателката Виолета Танчева-Златева во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје

В среда (6 ноември) во 19 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе се одржи разговор со поетесата и писателка Виолета Танчева-Златева, чиј роман „Бела Сама“ е книга на месецот. Разговорот со авторката и книгата на месецот се дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“ што ГБСК ја води трета година по ред.

„Бела Сама“ е семеен роман за тагата, загубата, осаменоста и себеприфаќањето. Тоа е книга за вечната борба меѓу доброто и злото, меѓу градот и селото, за комплицираните семејни релации.

-Бела Сама е и Бела и Сама, впрочем, како толкумина други девојчиња, девојки и жени кои поминуваат покрај нас со своето време што можат да го видат само нашите внатрешни очи. Виолета Танчева-Златева на топол хуманистички начин токму ним им дава право на глас и со тоа им нуди четиво за промислување, за сеќавање, за поддрша и дејствување – пишува Лидија Димковска.

Разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Виолета Танчева-Златева (1968, с. Бориево, Струмица) е поетеса, раскажувач, есеист, преведувач, лектор. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 2000 година и на Здружението на лекторите на Република Македонија. Била член на редакциите на списанието за книжевност и култура „АКТ“ и на списанието на ДПМ „Стожер“. Работи како лектор во Издавачки центар ТРИ – Скопје. Ги има објавено следните книги проза: Книга за сонот (куса проза, 1991), Враќања (роман, 1993), Враќајќи се во Бориево (раскази, 1999); епистоларниот роман за деца Шарени писма (2008), Раскази од минатиот век (2022), романот Бела Сама (2023).

Поезија: Мојот Пикасо (2007; и двојазично издание на српски и македонски јазик Мој Пикасо/Мојот Пикасо, Задужбина „Петар Кочиќ“, Бања Лука–Београд, 2008), Заробеници на молкот (2010), Огнена (2011), Нашата приказна (2013), Година без лето (2015, и на англиски A Summerless Year во издание на Струшки вечери на поезијата, 2016), Патот (2018), На работ на светот и Капе времето (2021), Глуво време (2023). Застапена е во повеќе избори, панорами и антологии на повеќе јазици и добитник е на повеќе значајни домашни и меѓународни книжевни награди.

Во рамките на кампањата „Читаме современи македонски автори“ месецот завршува со Клубот на читатели – неформална средба на оние што ја прочитале или сакаат да ја прочитаат книгата на месецот.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ѝ го донесе признанието Промотор на читачката култура што го доделува Македонската асоцијација на издавачи.

- Реклама -