Катимерини – Атина
Реџеп Таип Ердоган се обраќа пред Универзитетот Реџеп Таип Ердоган, на церемонија по повод почетокот на учебната година. Неговата реч е џиновска прегратка за Турците низ целиот свет. Но во својата суштина, тоа е говор за Реџеп Таип Редоган. Тој е придружуван од сопругата Емине Ердоган, претседателот на Големото народно собрание Исмаил Кахраман, и од министри. Неговиот говор во саботата на 15 октомври во Ризе, на црноморскиот брег, е споделен со светот и преведен на англиски јазик. Ердоган е во центарот на неговата вселена. Вселена која се шири.
На источните и јужните граници на Турција беснее војна. Елиминирањето на тнр. Исламска држава во Сирија и Ирак ќе остави простор за различни етнички и религиозни групи да војуваат за територија и влијание. Околу Мосул се собираат војници од ирачката армија, шиитски милиции обучени од Иран, сунитски борци обучени од Турците, како и Курди од Ирак, Сирија, а можеби и од Турција. Турските војски покрај Мосул предизвикаа остра војна на зборови меѓу Багдад и Анкара, откако ирачкиот премиер им нареди да заминат, а Ердоган одговори дека Хајдер ал Абади треба „да си го знае местото“.
Ердоган знае дека што и да се случи во Сирија и Ирак, тоа директно ќе ја засегне неговата земја, а Турција е во опаност да остане набљудувач. Него не му е грижа што имено неговата политика на прво место ја направи земјата дел од проблемот во Сирија. Сега, со задоцнетото влегување во војната против ИД, тој сака да ги спречи Курдите кои беа на линијата на фронтот уште од самиот почеток, да извлечат корист.
Неодамна турски бомбардери ги нападнаа Курдите во обид да ги држат настрана од стратешките позиции во Сирија – Курди, кои се случи да се сојузници како на САД, така и на Русија. Ердоган исто така стравува од шиитските милиции обучени во Иран, кои се во близина на турските граници. Внатре во Турција, курдската партизанска војна продолжува.
Среде сиот тој хаос, Ердоган се повикува на историјата: „Ние присуствуваме во историјата на Мосул“, рече тој претставувајќи се како заштитник на градот од непоканети сили. „И што прават тие сега? Тие прават заговор да го одземат Мосул од народот на Мосул и да го дадат на други. Но ние инсистираме дека во Мосул треба да живее народот на Мосул. Кој сега живее во Мосул? Претежно нашите арапски браќа и сестри. Покрај нив и туркмени и многу мал број Курди“.
По ова, турскиот претседател ги рашири крилјата. „Турција секогаш ги прифаќала со отворени врати сите угнетени и жртви, и никогаш не ги оставила своите браќа сами“, рече тој. „Ние, се разбира, ги почитуваме физичките граници, но не можеме да исцртуваме граници на срцето, ниту пак да го дозволиме тоа“, декларира тој. „Турција не може да му сврти грб на Алепо. Турција не може да биде рамнодушна кон своите браќа во Западна Тракија, на Кипар, Крим и секаде на други места“.
Истовремено, затворите во Турција се полнат со противници – вистински, потенцијални или измислени. Нејзината надворешна политика изгледа импровизирана, а Ердоган го става под прашање Лозанскиот договор кој ги постави границите на неговата држава пред скоро сто години. Додека растат заканите за Турција, додека тој се надвиснува над луѓето на кои им дозволува да стојат до него, дејствата на Ердоган ќе продолжат да бидат како непредвидливи, така и кусогледи.