Од скоро, на американскиот пазар на недвижнини се најде и Stardust Ranch. Се работи за ранч на површина од околу 4 хектари, по прилично висока цена од 5 милиони долари. Се наоѓа во блиската околина на Феникс, а вклучува и куќа со површина од околу 320 квадрати, со внатрешен базен. А да, и постојани посети од непријателски настроени гости од други планети.
Џон Едмондс (сопственикот) веќе е изморен од борбата со нив, и наводно затоа и решил да го продаде имотот. Вели дека во последните 20 години бил киднапиран во многу наврати, и дека во исто толку наврати вонземјаните му правеле медицински експерименти. И жена му била злоставувана од истите тие гадови, вели, исто така најмалку неколку пати.
Имотот го купил за да направи резерват за коњи – ги згрижувал напуштените, повредените и малтретираните. Но ете, испаднало дека дел од тие коњи се вечни малери – вонземјаните и нив ги злоставувале, а неколку биле најдени и искасапени.
„Почнавме да имаме чудни искуства безмалку уште од денот кога се доселивме“, раскажува Едмондс. Еднаш вонземјаните дури и ја левитирале жена му од креветот кон паркингот, во обид да ја земат во нивниот брод. Било ко во сцена од филм, со конусно светло и све тоа: кога жена му се нашла во фокусот на тоа светло, почнала да лебди нагоре кон бродот. Арно ама, Џон дотрчал со својот Калашников AK-47 со дупли шаржер и отворил оган, па некако успеал да ја спаси.
Кога во 2016-та Едмондс гостуваше во епизода на Ghost Adventures на Travel Channel, рече дека откако живее на ранчот има убиено 18 вонземјани, и тоа со самурајски меч (aka. катана). Нивните тела исчезнуваат веднаш откако ќе умрат, па затоа Џон не може да приложи доказ за нивното постоење. Сепак, на неговиот Фејсбук профил ќе најдете фотографии од пар лузни, за кои Џон вели дека ги добил во борбата со вонземјаните.
Во истата таа епизода, Џон наведува и уште еден чуден момент: кога тој и сопругата се доселиле на ранчот, претходните сопственици се немале иселено. Едноставно исчезнале, никаде ги немало, а сите нивни ствари се уште си стоеле на своето место во куќата. Извештајот на USA Today дополнително ја подгрева приказната – не успеале да најдат податок за тоа колку Џон и сопругата го платиле имотот, ниту пак кој им го продал.
Тоа е што е. Ете, си издржале луѓето две децении, и веќе доста им е. На прашањето како им успеало, Џон вели: „Екстремно сум тврдоглав, и логички и рационално. Имам многу пари и време вложено во имотов, и многу животни здомено овде“. Но сега, кога веќе е решен да ја препушти борбата на други, ги предупредува потенцијалните купувачи прво да одат и сами да се уверат, па дури потоа да решаваат дали ќе го купат.
А за да го купат, ќе треба да се опрчат едно 5 милиони долари. Првично имотот чинеше 1.7 милиони, но цената порасна откако приказната на Едмондс доби национална медиумска покриеност. Ако се продаде имотот, Едмондс планира да се пресели во Мејн и да основа нов резерват за коњи.
Некои ќе речат дека Едмондс е тотален лудак. Други ќе речат дека е лудак, ама со добри изгледи да стане лудак со ист ваков ранч и плус едно 3 милиони долари резерва.