Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, на седница на косовската влада, поднесе неотповиклива оставка.
„Поднесувам неотповиклива оставка од позицијата премиер на Република Косово. Сакам да ви се заблагодарам на укажаната доверба и поддршка. Причината е што добив повик од Специјализираниот суд во Хаг како осомничен“, објасни Харадинај со емотивен тон.
Тој истакна дека не е формално обвинет, туку е повикан да се појави пред судот во својство на осомничен.
„По оставката, мандатот го враќам на народот и вие сте први кои ги известувам за тоа“, рече Харадинај на новинарскиот прес во Приштина одржан по седницата на владата.
Тој порача дека на претседателот на Косово – Хашим Тачи, му останува да почне консултации со парламентарните групи и да закаже датум за одржување на нови избори.
„На следните избори ќе се кандидирам и јас и мојата партија, но не можев да продолжам да ја водам земјата во ваква ситуација, бидејќи тоа ќе му ја отежнеше положбата на Косово“, истакна Харадинај.