Рамиз Мерко крена раце од Струга и ингеренциите ѝ ги препушти на државата

Струшкиот градоначалник – Рамиз Мерко, денеска, во писмо испратено до Владата, адресирано директно до премиерот Зоран Заев, се откажа од ингеренциите врз Општина Струга и побара од Владата таа да го преземе раководењето во областа на урбанизамот, во делот на издавање на дозволи за градба, во делот на легализација на објектите во делот на издавање на концесии, како и во делот на спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО, пренесува „ТВ 24“.

Во писмото, Мерко вели одлуката е резултат на притисоците од бизнис заедницата и туристичките работници, од една страна, и Министерството за транспорт и врски кое заедно со УНЕСКО ги принудувале градежните компании да ги затворат и да се откажат од инвестициите во туризмот и хотелиерството, од друга страна.

Според дел од медиумите, пак, на оваа одлука на Мерко ѝ претходела и директна зaкaнa по неговиот живoт. Како што објави порталот „Expres.mk“, граѓанин на Струга денеска претпладне влегол во просториите на Општината и се зaкaнyвaл дека ќе го yбиe него и уште еден општински функционер (повеќе ТУКА).

Случката ја потврдил и самиот Рамиз Мерко во изјава за „ТВ 24“, а таков настан бил пријавен и во полициската станица во Струга, но вчера, околу 20 часот. Информацијата од СВР Охрид ја пренесува порталот „Охрид1“:

„На 17.07.2019 година во 20.00 часот, вработен во локалната самоуправа во Струга, во полициската станица во Струга, пријави вербални зaкaни упатени од жител од селото Велешта кон повеќе вработени во општината. По целосно документирање на настанот, полициската станица ќе поднесе соодветна пријава“, велат оттаму.

- Реклама -