Ракавици кои симулираат допиp на текстурите, површините и предметите во виртуелната реалност

Teslasuit – компанијата која релативно се прослави со својот хаптичен (допирен) костум, претстави ракавици кои на корисниците ќе им овозможат да ги „почувствуваат“ објектите и нивните текстури во виртуелната реалност. Со тоа корисниците во виртуелниот свет ќе можат не само да ги видат, туку и да ги опипаат виртуелните објекти.

Како и Teslasuit костумот, и Teslasuit ракавицата е првенствено наменета за тренинг на астронаути, за медицинска рехабилитација и професионални услуги. Комбинира неколку различни технологии за симултано креирање на чувство на допир и држење, како и „фаќање“ на движењата на корисниците. Притоа, ракавиците ќе собираат и информации за пулсот и други биометриски параметри.

По безжичен пат ќе можат да се поврзат и со Teslasuit костумот, овозможувајќи размена и собирање на информации за движењата на речиси целото тело.

Ракавиците ќе имаат основни хаптички и force-feedback (повратна сензација) можности. На секој прст поставени се по 9 електроди кои произведуваат чувство на допирање на виртуелните, непостоечки површини. Пластичниот cкелет, од друга страна, создава отпор и вибpaции, преку кои ќе се симулира интеракцијата со цврстите предмети и површини.

Ракавиците официјално ќе бидат претставени на претстојниот CES, а во продажба ќе бидат пуштени во втората половина од 2020 година.

- Реклама -