Радиоактивни диви свињи цветаат во Фукушима

boar

Од мутирани инсекти, „умрени“ роботи, па до напуштени училишта прекриени со пајажини – евакуационата зона на Фукушима – местото на една од најголемите катастрофи на 21-от век –  не покажува знаци за услови за живот, барем не за луѓето.

Ама затоа, дивите свињи се чини уживаат во човечкото отсуство околу нуклеарната централа Фукушима Даичи. Свињите роварат по околните фарми надвор од зоната, причинувајќи штета од 900.000 долари на жетвите на локалните фармери.

Под нормални околности, популацијата на дивите свињи би била држена под контрола од локалните ловци, особено што во јапонскиот речник под „свинско“ се подразбира и месо од диви свињи, а е „најпопуларното месо на нацијата“ (според Јапан Тајмс).

Сепак, најголемиот проблем е што овие диви свињи се контаминирани со цезиум-137 ( радиоактивна супстанца со просечен период на распад од 30 години) како резултат на тоа што се хранат со растенијата и малите животни во близина на забранетата зона. А вака радиоактивни, ловците не им ни приоѓаат.

„Дивите свињи, заедно со ракуните, максимално ги користат предностите на напуштената зона, влегуваат во напуштените домови во областа оштетена од катастрофата и ги користат како дувла и места за прехрана“, вели професорот по екологија Окуда Кеитокунин од Универзитетот за радиоактивност на животната околина на Фукушима.

Вака репродуцирајќи се во напуштените зони, популацијата на дивите свињи се зголеми за 300% по катастрофата, од околу 3000 до 13000 свињи, кои сега се „прелеваат“ во блиските фарми и ги пустошат жетвите.

Најлошото е што на локалните власти им снемуваат идеи како да го спречат бранот од радиоактивни диви свињи:

„Овие животни не се погодни за човечка конзумација, што претставува уште еден проблем: ловците можат да се обидат да ја намалат популацијата, но ќе мораат да направат нешто со уловот. Просечен мажјак тежи околу 90 килограми“, истакнува Тревис Ендрјус од Вашингтон Пост. „Со оглед на оваа бројка, ако 13.000 диви свињи бидат убиени, ловците ќе имаат околу 1200 тона опасно месо со кое ќе треба да се справат“.

Сепак, се работи на случајот. Ловците се ослободуваат од убиените диви свињи на три специјални масовни гробници близу градот Нихонмацу, но овие три локации имаат доволно капацитет да примат само 600 убиени диви свињи, па се полнат со експресно темпо.

„Порано или подоцна, ќе мораме да побараме од локалните жители да ни ја дадат нивната земја на користење“, вели Цунео Саито – локален ловџија на диви свињи. „Градот не поседува земјиште кое не е окупирано од куќи“.

Логичното решение штом ќе се надминат капацитетите на гробниците е да се спали остатокот од радиоактивни свински трупови, но кога се работи за контаминирано месо тоа не е така едноставно. Потребна е специјален објект кој ќе биде опремен со апарати за филтрирање на радиоактивните материјали, со цел да не бидат редистрибуирани во околината преку честичките од чадот што би се ослободил при согорување на месото. Таква установа постои во близината на Сома, но има капацитет од само 3 диви свињи на ден т.е. 21 неделно т.е. 1.092 годишно. А 1.092 диви свињи не се 13.000, колку што ги има.

За жал, ова е најдоброто решение што досега го имаат смислено локалните фармери, ловџиите и локалните власти.

А животните од дивиот свет се познати по тоа што виреат во пост-нуклеарни услови. Бројни извештаи пристигнуваат од Чернобил, на пример, кои сугерираат дека зоната е полна со елени, волци, мечки и диви свињи. Популациите на некои од овие животни се дупло зголемени по катастрофата.

Во меѓувреме, радиоактивните диви свињи не се единствената грижа на властите во Фукушима. Напротив, сé уште има истекување на контаминирана вода од нуклеарната централа и никој не знае како да се ослободи од радиоактивниот тритиум кој го екстрактираат од истата. Едно е сигурно, човештвото нема видено катастрофа како оваа и сé уште му претстојат многу години пред кошмарот да заврши и луѓето да можат да се вратат во областа. Единствената надеж е дека науката ќе направи некое револуционерно откритие во меѓувреме и ќе го забрза процесот на опоравување.

- Реклама -