Радев му одговори на Мицкоски: Договорот за пријателство и добрососедство мора да се спроведува, а не да се ревидира

„Државниот врв на Република Северна Македонија има многу да научи. Ние сме подготвени да помогнеме и секогаш сме ѝ помагале на Република Северна Македонија на нејзиниот европски пат. Сепак, овие процеси брзо ја оддалечуваат земјата од евроинтеграциите. Со тоа ги загрижуваат и Бугарија и Грција, бидејќи не можете да бидете членка на НАТО и да сакате да станете членка на ЕУ и да излезете со слични позиции, важно е Република Северна Македонија да се држи до својот европски пат“, вели бугарскиот претседател

Очигледно државниот врв на Република Северна Македонија не е подготвен, а познавањето на меѓународното право е неопходно, што очигледно тука недостасува. Кога ќе се потпише меѓународен договор, тој мора да се имплементира од сите влади, а не да се ревидира. Вака бугарскиот претседател Румен Радев денеска ја коментира изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, пренесува бугарската државна агенција БТА, која ја даде за Договорот за добрососедство, за што рече дека тој е веќе репреговаран со додавањето на т.н. француски предлог, поради што, според него, не гледа причина зошто кон него да не се додаде некаков друг предлог што ќе ги опфати барањата на македонскиот народ.

Премиерот оваа изјава ја даде во насока коментирајќи ја изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер, која рече дека нема одново преговори за Преспа, ниту, пак, со Бугарија за напредокот кон ЕУ.

Инаку, изјавата на шефот на бугарската држава доаѓа по работната средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во Атина.

Според Радев, моделите на бугарскиот устав и на Република Северна Македонија се, како што рече, многу различни, односно дека нивниот ги штити колективните права, додека, додаде, моделот на македонскиот устав ги брани индивидуалните права.

„Очигледно нема сознанија во однос на европското законодавство дека кога има заклучоци на Советот, донесени со консензус, тие не се предмет на пазарење, туку мора да се спроведат“,

рече тој.

Посочи дека се подготвени да помогнат и, како што додаде, сегаш ѝ помагале на РС Македонија на нејзиниот европски пат.

„Државниот врв на Република Северна Македонија има многу да научи. Ние сме подготвени да помогнеме и секогаш сме ѝ помагале на Република Северна Македонија на нејзиниот европски пат. Сепак, овие процеси брзо ја оддалечуваат земјата од евроинтеграциите. Со тоа ги загрижуваат и Бугарија и Грција, бидејќи не можете да бидете членка на НАТО и да сакате да станете членка на ЕУ и да излезете со слични позиции, важно е Република Северна Македонија да се држи до својот европски пат“,

вели Радев.

Потребно е познавање на статистиката, како што рече шефот на бугарската држава, односно дека најмалку 120 илјади граѓани на РС Македонија добиле бугарско државјанство, посочи, врз основа на докажано потекло со документи.

„Треба да има елементарно знаење во однос на човековите права, бидејќи во Бугарија не тепаме луѓе кои изразуваат различен идентитет, не пукаме во нивните клубови и не ги палиме, не ги држиме подалеку од никакви позиции во администрацијата“,

рече бугарскиот претседател.

Според Мицкоски, договорот од Преспа е реалност и е дел од уставниот и правниот поредок на Македонија како држава, додека за Догвоорот за добросеседство може да се репрееговара со додавање на некој предлог, кој, како што рече, би ги опфатил барањата на македонскиот народ, како и на Македонците во Бугарија.

„Што се однесува до уставните измени кои се дел од т.н. француски предлог, кој е додаток на Договорот за добрососедство, односно репреговарање на Договорот за добрососедство и во однос на тоа нашиот став го знаете дека за диктати и ултиматуми не преговараме. Ако може Договорот за добрососедство да биде репреговаран и на него да му се додаде т.н. француски предлог, не гледам причина зошто да не се додаде некој француски предлог плус или некој друг предлог што ќе ги опфати барањата на македонскиот народ, на Македонците во Бугарија“

рече тој.

Како чудни ги опиша изјавите што доаѓаат од официјална Софија, особено од претседателот Румен Радев, кој, според Мицкоски, дава изјави кои повеќе прилегаат на средниот век отколку на 21 век.

„Човекот политичар кој во 21 век за себе вели дека е европски политичар, а на голема сцена ги укинува човековите права на една заедница, која во средината на минатиот век беше дел од пописната листа кај нашиот источен сосед, македонската заедница, вели дека ние сме биле против бугарската заедница. Никој не е против бугарската заедница, ние ги почитуваме тие неколку стотина наши сограѓани кои велат дека се дел од бугарската заедница, но бараме од претседателот на Бугарија да ги почитува малцинските и човековите права на македонската заедница“,

рече Мицкоски. 

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, вчера во интервју за Радио Слободна Европа, прашана дали САД поттикнуваат нов дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија по најавите од премиерот Мицкоски дека е подготвен за преговори, како и по реакциите од страна на Грција за непочитување на Преспанскиот договор, порача дека нема одново преговарање, односно дека договорите се веќе направени.

- Реклама -