Работната група ја усвои Предлог иницијативата за измена на Уставот, Цаца Николовска ги соопшти измените

Работната група на денешната седница ја усвои Предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија. Предлогот ќе се достави до Владата која ќе треба да ја проследи иницијативата до Собранието каде ќе ги помине сите работни тела.

„Состанокот заврши успешно, едногласно ги донесовме сите одлуки, имавме плодна дискусија, имаше презентација на едни, на други аргументи, но она што е најважно е дека се согласивме со она што е предлог за пристапување кон измена на Уставот на РСМ со одредени насоки, изменувања и дополнувања таму каде што треба. Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. После бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“, изјави по состанокот претседателката на работната група – Маргарита Цаца Николовска.

Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во амандманот 34 кој е заменет со член 49 и амандманот 2. Во овој амандман, со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, после бошњачкиот народ се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“.

Таа соопшти дека има измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците заради тоа што сега се јавува поголем број на народи кои можат да продуцираат поголем број пратеници и да има пратеници во Комитет на заедници.

„Тука е бројот 43, запазен е паритетот, со тоа што по 16 члена од редовите на пратениците во Собранието од редовите на Албанците и Македонците, по еден од редот на пратениците во преамбулата, со тоа што доколку некоја од заедницте нема пратеници, тогаш останува Народниот правобранител по консултации со релевентните претставници на тие заедници да предллжи членови на Комитетот“, рече Цаца Николовска.

Работната група изготвила и кратко образложение за иницијативата и нејзината основаност и оправданост.

„Ова е наративниот текст. Јас ги прочитав измените и одредените членови во Уставот, меѓутоа амандманите после ќе треба да се припремаат во текстот така како што треба да се презентираат пред Собранието. Сега да посакаме успешна работа и на Собранието, да ги прифатат овие да речам предлог измени за да може понатаму државата успешно да ја тера постапката во остварување на заедничката стратешка цел – влез во Европа“, рече Цаца Николовска.

Претходно, таа изјави дека мандатот на работната група апсолутно не е да се редефинира Уставот и дека, како што рече, на јавноста треба да ѝ биде јасно дека нема никакво редефинирање на државата, на македонскиот идентитет и на она што значи Устав.

„Нашиот мандат апсолутно не е да се редефинира Уставот. Тоа што одредени личности тоа сакаат да прикажат, не знам од кај го вадат. Тие велат дека имаат од внатре луѓе кои им доставуваат вакви информации. Ние во самата Работна група, сме се договориле и сега повторно ги повикувам тие, ако постојат, ако лиферуваат одредени информации барем да лиферуваат вистински информации, да кажат што ние до сега сме работеле. Ние сме го работеле Деловникот токму заради овие ситуации да немаме бегање од тоа што ни е мандатот. Имаме и решенија коишто наведуваат што и како. Сè друго што политичките партии го зборуваат е нивно мислење и не можеме да го стопираме или негираме“, рече претседателката на работната група во гостување во емисијата „Утрински печат“.

Македонскиот идентитет, преку јазикот, преку постоење на народ, е многу децидно наведен во апсолутно сите меѓународни и национални документи, додаде таа и оцени дека „да се прави само некоја збрка во целото ова опкружување“ – не е во ред.

„Не заради навредите што јас ги добивам, тие навреди нека им служат на чест на оние кои ги прават, меѓутоа народот треба да биде правилно информиран и не треба да биде манипулиран“, нагласи Цаца Николовска.

Извор: МИА

- Реклама -