Во потенцијалните решенија, според кажувањата на министерот за европски прашања, нема да бидат исклучени уставните измени, туку во фокус ќе бидат барања со кои земјава ќе се осигура дека процесот нема да биде предмет на дополнитени блокади
Владата е во фаза на интерни разговори за изнаоѓање нови решенија во врска со евроинтеграциите на земјава, изјави на денешната прес-конференција министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Во потенцијалните решенија, според кажувањата на Муртезани, нема да бидат исклучени уставните измени, туку во фокус ќе бидат барања со кои земјава ќе се осигура дека процесот нема да биде предмет на дополнитени блокади.
„Досега немаме финален предлог, меѓутоа и да имаме, нема да брзаме да го објавиме пред да бидат завршени изборите во соседна Бугарија бидејќи сметаме дека, и да имаме најдобар можен план, периодов е неизвесно дали ќе биде прифатен од другата страна. Затоа работиме интензивно на изнаоѓање на решенија и мислам дека ова е правилниот пристап за понатаму“,
изјави Муртезани на денешната прес-конференција.
Прашан дали Брисел е изрично против идејата за уставни измени со одложено дејство, како што бараат властите во земјава, Муртезани рече дека таквиот предлог не се гледа со голем оптимизам од страна на Европската Унија, но не се ни отфрла целосно. Во оваа смисла министерот повтори дека треба да се настојува на решенија коишто ќе бидат прифатливи од стратегиските партнери, што, како што рече, зависи од нашата волја за изнаоѓање решение.
„Уставните измени се услов не од Бугарија, туку од 27 земји членки на ЕУ. Тоа е јасно наведено и во заклучоците на Советот. Се обидуваме да го заштитиме процесот после уставните измени. И премиерот во неколку наврати и Владата спомнаа дека не е спорно носењето на уставните измени, меѓутоа сакаме да бидеме сигурни дека процесот понатаму нема да биде повторно предмет на дополнителни блокади“,
додаде Муртезани.
Прашан што ќе се случи доколку уставните измени не бидат усвоени до декември годинава, како што бараше коалицијата „Вреди“ од чии редови доаѓа Муртезани, тој вели:
„Дадовме рок од шест месеци како коалиција во кои Владата мора да понуди решение за надминување на кризата. Уште сме во четвртиот месец. Кога ќе стигнеме при крајот ќе видиме какви се можностите и што ќе направиме понатаму.“