Пуштиле 720 затвореници на молитва, на 113 Господ им ја услишал

113 затвореници побегнале од затвор синоќа во Џакарта, Индонезија, кога 720 затвореници биле пуштени од ќелиите за да учествуваат во редовната вечерна молитва.

За време на молитвата, затворениците ги совладале затворските чувари и се вдале во бегство што очигледно било планирано, соопштуваат од полицијата.

Имено, бегалците, главно осудени за дела со наркотици, ја пробиле оградата од жица користејќи тегови и метални шипки, по што побегнале низ блиските оризови полиња. Еден стражар бил полесно повреден.

Во меѓувреме се фатени најмалку 26 од затворениците, а по останатите продолжува да се трага.

Изгледа Господ статистички почесто им ги услишува молитвите на индонезиските затвореници отколку на останатите верници низ планетава, па во Индонезија бегствата се доста чести. Лани повеќе од 440 осуденици побегнаа од затвор, исто така при молитва. Во 2013-та, откако кренале побуна, од затвор во Индонезија избегаа околу 240 затвореници, а меѓу нив и неколку осудени за тероризам.

- Реклама -