Барселона славеше со убедливи 1:4 на гостувањето против Хетафе, но каталонците скапо го платија тој триумф поради повредата на својот капитен Карлес Пујол.
Искусниот дефанзивец настрада при дуелот со еден од домашните напаѓачи, по што мораше да биде заменет од страна на тренерот Тито Виланова. Иако Пујол стана и самиот го напушти теренот, лекарските прегледи покажаа дека не станува збор за наивна повреда.
Имено, тој ги има истегнато круцијалните лигаменти и според првичните лекарски процени ќе паузира меѓу четири и шест недели од терените.
Оваа повреда значи дека Пујол ќе го пропушти и првото големо дерби со Реал Мадрид во новата сезона, во кое што каталонците на 7 октомври на „Камп ноу“ ќе го пречекаат лутиот ривал.
Во отсуство на Пујол, тренерот Виланова ќе му даде шанса на Хавиер Маскерано како централен дефанзивец покрај Жерар Пике.