Психопатите не можеш да ги заразиш со зевање

 

Иако не сите научници се сложуваат, неколку студии го поврзуваат заразното зевање со нивото на емпатија. Покажано е, на пример, дека повеќе се случува меѓу луѓе меѓу кои има висока емпатија.

Кај луѓето со поизразени психопатски особини, нивото на емпатија е помало или воопшто го нема (кај тешките случаи), па оттаму и не се толку подложни да почнат да зеваат заедно со другите. Едно е сигурно, дефинитивно нема да зеваат заедно со своите колеги студенти (групата која била тестирана во студијата).

Истражувачите од универзитетот Бејлор во Тексас се обиделе да испровоцираат 135 студенти да почнат да се прозеваат како реакција на нечие туѓо зевање. Претходно секој од испитаниците пополнувал прашалник што се однесувал на карактерните особини, за мерење на психопатски карактеристики како себичност, тенденција да се манипулира со други, импулсивност, и/или недостаток од емпатија.

Испитаниците биле седнати пред компјутер и гледале 10-секундни видео клипови од разни фацијални движења, меѓу кои и зевање. На лицата, челата, надворешните агли на очите и на врвот на прстите, на испитаниците им биле прикачени електроди со цел мерење на нивната реакција на видеата.

Колку повисок скор по ладнокрвност покажале на тестот – толку помалку тенденција испитаниците имале кон тоа да бидат „заразени“ од туѓото зевање.

Тоа што се знае е дека шансите луѓето да чувствуваат емпатија кон непознат се помали отколку кога се работи за некој близок, а тоа, заедно со фактот што тест групата била релативно мала, значи дека студентите од Бејлор баш и не мора да се психопати, исто како што вие не треба да трчате на психолошка проценка ако не зевате кога други зеваат. Како и да е, „тоа што го откривме ни кажува дека постои некакво невролошко преклопување – некаква конекција меѓу психопатијата и заразното зевање“, вели Brian Rundle – авторот на студијата.

PS. Почнавте да зевате? Добро е ако да, зашто сликиве намерно ви ги биравме. Значи не сте психопати.

- Реклама -