Психолозите до родителите: Не се опуштајте со фотографирање на децата

Родители како родители, особено во време кога смартфоните се на пат да ни сраснат со рацете, едноставно тешко одолеваат на искушението да ги фотографираат своите деца дури и без никаков повод, и во најбаналните моменти. Сето тоа е сосема разбирливо и навидум ништо лошо во истото, но експертите предупредуваат дека ако не се внимава на одредени „параметри“, тоа може да има негативно влијание врз детскиот развој, некогаш и со (по)сериозни последици.

Имено, од една страна, со постојаното фотографирање на своите деца, родителите ризикуваат да одгледаат вистински нарциси. Децата може да почнат да се чувствуваат како премногу важни и како да се центар на светот, а тоа во подоцнежните години да резултира со недостаток од самокритичност, преголеми очекувања од тие околу нив, а следствено и многу разочарувања.

„Кога го фотографирате само детето, а не целото семејство, можно е тоа да почне да мисли дека е центарот на светот“, вели американската професорка за семејни студии – Џудит Мајерс Волс. Решението што може да го избегне тој ефект, т.е. параметарот што треба да се запази (како што се изразивме претходно), е родителите да внимаваат фотографиите да илустрираат спомени, и да презентираат нешто што  го насочува фокусот на детето кон семејството, а не кон самото себе.

Волс додава и дека родителите треба будно да следат како детето се однесува кога го фотографираат и потоа неговите слики ги ставаат на Интернет.

Тоа сосема јасно го објаснува Алин Морин – професор по психологија од универзитетот Монт Ројал. Таа алармира за другата страна на проблемот, а тоа е дека како и огледалата, камерите и фотографиите можат кај детето да го истакнат фокусот кон самото себе и да предизвикаат чувство на несигурност кон сопствениот изглед.

„Кога луѓето се премногу насочени кон самите себеи, стануваат премногу критични кон сопствениот изглед и лошо се чувствуваат“, објаснува Морин. А тоа, како што знаеме, може да има несакани последици во понатамошниот живот на детето.

via Локално

- Реклама -