Општина Струга го откажа свеченото одбележување на Денот на Охридското Езеро, ден откако САД соопштија дека струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е ставен на „црната листа“ на САД.
Ова е првпат во 23 години да не се одржи настанот кој секој 21 јуни (почнувајќи од 2000 година, кога беше потпишана декларација за заштита на Езерото), со низа активности, се одбележува наизменично од езерските општини Охрид, Струга и Поградец, посочува порталот „САКАМДАКАЖАМ.мк“.
„Настанот е откажан бидејќи градоначалникот имаше друга итна работа, доколу има став ќе биде споделен со медиумите“, ијавиле од кабинетот на Мерко за медиумите, пренесе „Фокус“, потенцирајќи дека откако САД го прозваа за значителна корупција (имено, како градоначалник на Струга злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси), струшкиот градоначалник е целосно недостапен за јавноста и ниту еден медиум не успеа да добие негова изјава за одлуката на Стејт Департментот. Изјава (барем не официјална), нема ниту од матичната партија на Мерко – ДУИ.