Прво злато за македонската кошарка

Низ сите мечеви, а особено денеска во финалето, главен лидер на тимот беше Никола Јаничиќ. Постигна 30 поени и сосема заслужено се закити со признанието МВП, најдобар играч на првенството. Во идеалната петорка, покрај него, е избран и Марко Луканоски

Jуниорската репрезентација на Северна Македонија се закити со титулата на Европското првенство – Б дивизија што се одржува во Скопје, откако победничката серија ја продолжија и на денешното финале против Австрија, триумфирајќи со конечни 98-88. Со победата, оваа генерација кошаркари по две години пак се враќа во европската елита.

За младинските селекции на Македонија ова беше четврто финале во натпреварувањата од Б-дивизијата и прв трофеј. Селекцијата до 20 години играше финале минатата година во Скопје, но и во 2006 г. во Лисабон и двапати загуби. Кошаркарите до 16 години играа финале во 2004 г. во Брајтон, а репрезентацијата до 18 години во своето прво финале дојде до првиот трофеј.

ФОТО: Кoшаркарска федерација на Северна Македонија

„Црвено-жолтите“ го одиграа натпреварот храбро и мотивирано, потврдувајќи ја својата класа со седмиот триумф во низа како јасен доказ за апсолутната доминација.

Низ сите мечеви, а особено денеска во финалето, главен лидер на тимот беше Никола Јаничиќ. Постигна 30 поени и сосема заслужено се закити со признанието МВП, најдобар играч на првенството. Во идеалната петорка, покрај него, е избран и Марко Луканоски.

Покрај Северна Македонија и Австрија, промоција во А-дивизија обезбеди и селекцијата на Бугарија која во мечот за третото место ја совлада Полска со 85-64.

- Реклама -