Прво „Инфомакс“ на Сарачини, па сега Сарачини на „Инфомакс“ му се зaкaнувa со тужба за клевета

Откако порталот „Инфомакс“ му даде ултиматум од 48 часа да се извини што снимките од скандирањето „Северна“ на Мечкин Камен ги нарекол монтирани, а тој тоа не го направи, сега и Петрит Сарачини – советник во Пи-ар службата на Владата, упати ултиматум до „Инфомакс“. Тој бара да биде повлечен текстот во кој порталот соопшти дека рокот истекол и дека Сарачини го очекува тужба за клевета, а во кој „Инфомакс“ тврди дека Сарачини немал напишано ниту еден новинарски текст и оттаму нема право да обвинува за „лажни вести“. Демантот на Сарачини го пренесуваме во целост:

„До: Infomax.mk и автор на текст Александар Митовски

Предмет: Барање за демант, извинување и повлекување на текстот: „„POKOТ ИCTEЧЕ, СЕ ГЛЕДАМЕ НА CУД: Владините ПР советници не се извиниja, јавноста ќе има можност да види како Владата креира „лaжни вecти““, објавен на 4 август 2019

Јас, Петрит Сарачини, дипломиран новинар, долгогодишен новинар и уредник во повеќе редакции, барам од веб страницата Инфомакс.мк и Александар Митовски, автор на текстот „POKOТ ИCTEЧЕ, СЕ ГЛЕДАМЕ НА CУД: Владините ПР советници не се извиниja, јавноста ќе има можност да види како Владата креира „лaжни вecти““, објавен на 4 август 2019 на оваа веб страница (линк до објавата https://infomax.mk/…/poko%d1%82-%d0%b8cte%d1%87%d0%b5-%d1…/…), да го објават овој демант и да го повлечат текстот во кој се изнесува една голема невистина на моја адреса.

Имено, во еден дел на текстот се вели: „„Марјан Забрчанец, ПР советник на Зоран Заев вработен во Владата во април 2017 година бeз официјално високо образование, со завршено средно училиште се дpзнa да дели лекции на медиуми кои со години работат професионално и посветено. За разлика од нас, Забрчанец а заедно со него и Сарачини нeмaaт ниту еден нoвинapcки текст, оттука нeвoзмoжнo е еден среднист бeз cтpyчно oбразованиe, и човек кој во живoтoт нeмa напишано новинарски текст да oбвинyвaaт за „лaжни вecти““. Тоа е клевета со која се повредува мојата чест и углед, со што сметам дека авторот и веб-страницата го прекршиле членот 8 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.

За ваша информација, вистината е дека мојата новинарска кариера ја започнав во магазините „Јета“ и „Зрак“ во 1995 година, бев дел од првата екипа на дневниот весник „Дневник“ во 1996, уредник и новинар во неделникот и весникот „Лоби“ во период од 2001 до 2004 година, како и старт-ап уредник на тријазичниот информативен вебсајт „Пресонлајн“ на оваа куќа во истиот период. Воедно, бев старт-ап уредник и уредник на информативната програма на култното Лајф радио, со кое соработував од 2002 до 2006 година, а бев и старт-ап уредник и одговорен уредник на ТВ21 во 2015 година. Мојата новинарска кариера вклучува и новинарски и уредувачки ангажман во националното радио Канал77, Цивил Медиа, веб страницата за едукација и борба против говорот на омраза „Безомразно.мк“. Во сите овие редакции, имам произведено стотици новинарски текстови, во речиси сите жанрови, вклучувајќи ги објективните жанрови вест, извештај, анализа па и фељтони, како и во субјективните новинарски жанрови – коментар, колумна, цртичка, козерија, сатира. Моите колумни се објавувани во весниците „Лоби“, „Слободен печат“, „Коха“, сајтовите „Плусинфо“, „Цивилмедиа“ и други.

Жалам што не се обидовте да контактирате со мене, или со колеги од сериозни и кредибилни медиуми со кои сум соработувал, кои би можеле да ви кажат малку повеќе за моите новинарски производи и новинарска кариера, без ниедна дамка. Вие тоа не го направивте, туку објавивте нешто што е целосно неточно, а што сметам дека сериозно го нарушува мојот углед во јавноста и личното достоинство.

Затоа, согласно членот 14 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, барам овој демант да го објавите во целост, да се извините за изречените невистини на моја адреса, и да го повлечете овој текст. Доколку тоа не го направите, ќе бидам принуден да ги употребам другите механизми од Законот и да започнам судска постапка за клевета, за да го заштитам моето достоинство и углед во јавноста, кој е нарушен со објавување вакви невистини.

Петрит Сарачини,
дипломиран новинар на Правниoт факултет „Јустинијан I” Скопје, отсек новинарство“, пишува Сарачини.

- Реклама -