Во петок(15.12), во Велес ќе се изведе првата реприза на претставата „Добри луѓе“ во режија на
Тамара Стојаноска, од 20 часот на малата сцена во Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“
Велес.
„Добри луѓе“ е дуодрама работена според Данкан Мекмилан, авторски материјали и инспирација
од The Relation Work Project (1976-80) на Марина Абрамовиќ и Улај. Претставата е интимна
анализа на една љубовна врска и зборува за предизвиците со кои се соочуваат љубовните парови
во денешно време и поставува едно навидум апсурдно, но легитимно еколошко и етичко
прашање. Дали е оправдано да се има деца во загаден свет во кој секое суштество создава
огромни количества јаглерод диоксид, но и во свет каде што тој нов живот треба да се соочи со
некои сериозни егзистенцијални проблеми со можни трагични исходи: еколошки катастрофи,
пандемии и огромни економски и социјални колапси?
„Добри луѓе“ ги испитува емоционалните последици од справувањето со огромната климатска
криза и тешките одлуки што секојдневно мораме да ги донесеме како поединци и како општество.
Се поставува и прашањето дали сме добри луѓе и дали воопшто можеме да бидеме добри луѓе во
ваков анксиозен и пластичен свет исполнет со глобална вознемиреност, лоши навики, тероризам,
непостојани временски услови и политички немири. Ликовите живеат со анксиозност, паника и
притисок од надворешната околина, но тешко и бавно носат промени во своите лични постапки и
се губат во системот. Грижата за околината е како маска за нивната вознемиреност и опседнатост
со прашањето дали се добри луѓе. Тоа што ликовите постојано се грижат и паничат, само по себе е
еден вид заменски активизам; нивната пасивна грижа станува доказ за нивната добрина и ја
негира потребата за реално дејствување. – вели режисерката Тамара Стојаноска.
Актери во претствата се Филип Христовски и Тијана Трајчевска, музиката е на Ива Дамјановски и
Виктор Танасковски, преводот на текстот е на Наташа Пеевска, дизајнот е на Бојана Цилевска, а
извршен продуцент е актерот и ко основач на независниот театар „Златен Елец“ – Бобан
Алексоски.
Премиерата на претставата беше на почетокот на минатиот месец во театарот во Велес.