Прскање против загаденоста во Скопје

Градот Скопје вчера на крстосницата на булеварот Свети Климент Охридски со улицата Свети Кирил и Методиј  почна со акцијата прскање на улиците со средството калциум магнезиум ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух.

Увид во процесот на аплицирање на ова средство изврши градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. Овој процес ги опфати булеварот Свети Климент Охридски и улиците Свети Кирил и Методиј и Јордан Мијалков. Станува збор за средство кое се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата. Средството е еколошки производ, биоразградлив, не е штетен за растенијата (погоден е за апликација во близина на паркови и зелени површини), а најважно е што не е корозивен (нема да предизвика оштетување на возилата). Производот е лесен за апликација и целосно е стабилен, што значи може да се чува за подолг период. При неговото аплицирање како резултат на неговиот состав може да се почувствува слаб мирис на оцет, кој исто така не е опасен по здравјето на луѓето.


Важно е да се нагласи дека брзината на улиците каде што ќе се аплицира средството Калциум Магнезиум Ацетат ќе биде ограничена на 40 километри/час, заради можна појава на лизгавост на коловозот. На улиците ќе биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација. Градот Скопје за оваа намена има подготвено сообраќаен проект. Изборот на трите сообраќајници (булеварот Свети Климент Охридски и улиците Свети Кирил  и Методиј и Јордан Мијалков) е од причина што во непосредна близина се наоѓа мерната станица за квалитет на амбиентниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање, и најлесно ќе може да се споредат резултатите пред и по третирање со КМА.

Искуствата од европските градови каде што се користи ова средство  укажуваат дека со негово аплицирање потенцијалот за намалување на прашината е од 10 до 30 проценти.

/Автоплус

- Реклама -