Протестите во Киев ескалираа во хаос – 25 мртви за една ноќ

 

Според последните информации, во судирите помеѓу демонстрантите и полицијата во Киев изминатата ноќ загинаа дваесет и пет луѓе додека во болница се примени 241 лице од кои и 79 полицајци и петмина новинари, соопшти украинското Министерство за здравство.

Полицијата презеде офанзивни акции за да ги растера демонстрантите од плоштадот, кој е центар на тримесечните протести против претседтаелот Виктор Јанукович.

Последниот напад на полицијата врз демонстрантите се случи во четири часот утрово по локално време. На плоштадот во Киев и неколку споредни улици се слушнаа големи експлозии. Полицијата употреби солзавец и водени топови во обид да ги растера демонстрантите кои запалија гуми и дрва. Во близина на плоштадот горат неколку згради меѓу кои и зградата на синдикатите што ја користеа демонстрантите за свој штаб.

Опозициски активисти укажуваат дека цифрата на повредени е над илјада.

Амбасадата на САД во Украина ги повика сите американски државјани во Киев да не излегуваат надвор, да го избегнат насилството по улиците.

Опозициската украинска телевизија „Канал 5“ го прекина емитувањето во цела Украина. Нејзин претставник рече дека таа ќе емитува програма само преку Интернет, а нејзината веб страница воопшто не работи.

- Реклама -