Протест за пресудите во „Монструм“, Спасовски на тест: „Ова е еден вид војна“

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по драмата со Сашо Мијалков, денеска се соочува со уште сериозен тест, откако роднините на осудените во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско езеро, најавија протест против пресудите на повтореното судење, изречени во вторникот, кога обвинетите Алил Демири, Африм и Агим Исмаилковиќ беа осудени на доживотна казна затвор, а Фејзи и Хаки Азири добија 15, односно 9 години затвор.

Протестот беше закажана и започна од паркот во Чаир нешто по 13 часот, по петочниот намаз, а како што информираа вчера од МВР, поради тоа во Скопје е воведен посебен сообраќаен режим. Имено, затворени се ул. „Христијан Тодоровски – Карпош“, ул. „Џон Кенеди“, ул. „Цветан Димов“, бул. „Крсте Мисирков“, бул. „Гоце Делчев“, ул. „11-ти Октомври“, ул. „Васил Главинов“, бул. „ВМРО“, бул. „Илинден“ и други околни сообраќајници.

Според порталот „МКД.мк“, кој се повикува на безбедносни извори, поради протестот, под посебни мерки за заштита, во изолација, ќе бидат неколку државни функционери, меѓу кои и премиерот, претседателот на државата и неколкумина министри и лица од одредени институции.

Повикот за протест, објавен на Фејсбук профилот на Бедри Ајдари, роднина на еден од осудените

ТРАДИЦИЈА НА НЕРЕДИ

Протест за поддршка на обвинетите во „Монструм“, точно пред 4 недели, на 29 јануари, исто така во петок, имаше и пред изрекувањето на пресудите – по рочиштето во кое Обвинителството, конкретно обвинителката Фатиме Фетаи ги презентираше завршните зборови и побара максимална казна за обвинетите. И тогаш протестниот марш тргна од Чаир, а заврши пред Министерството за надворешни работи затоа што полицијата не дозволи демонстрантите да стигнат до пред зградата на Јавното обвинителство. Повторно не изостануваа скандирањата „УЧК, УЧК!“, имаше и навреди и закани за обвинителката Фатиме Фетаи и барање за нејзино разрешување, но и скршени стакла и превртени контејнери.

Граѓаните сѐ уште го паметат и протестот од 2014 година, кога беа изречени осудителни пресуди во првото судење, кој заврши со големи нереди и жестоки судири со полицијата на потегот кај ТЦ „Мавровка“ и Бит-пазар, со биланс од дваесеттина повредени полицајци.

„ПОЛИТИЧКИ МОНТИРАН СЛУЧАЈ“

Според роднините на осудените, без докази се осудени невини луѓе, а целиот процес е политички монтиран.

„Мислам дека и сега беше утврдено дека овој суд сѐ уште е неспособен и сѐ уште не владее правото кај нас во Македонија. Како што имам кажано кога беше првата пресуда дека не владее правдата, сега уште помалку можам да кажам дека имаме владеење на правдата“, истакна Насер Рауфи, адвокат на одбраната на осудените, најавувајќи дека ќе ја обжалат одлуката и дека ќе се повикуваат на пресудата на Врховен суд, кој во 2017 година, поради новите околности и бомбите кои СДСМ ги достави во СЈО, ја укина пресудата на Кривичниот суд од 2014 година (кога беа изречени 6 доживотни затворски казни) и го врати случајот на повторно судење.

Бедри Ајдари, роднина на еден од осудените, во изјава по изрекувањето на пресудите, најавувајќи протест, побара поддршка и од државниот врв:

„Најавувам протест и го повикувам државниот врв, кој учествуваше на протестите на шарената револуција, на кој му помогнавме да го урнат системот, не за да ја смениме гарнитурата за да дојде нова, туку за да ги реформираме институциите“.

Според него, реформата не е направена и пресудата во повтореното судење за „Монструм“ е резултат на тоа.

Ајдари додаде дека судот е криминализиран и под влијание на лица од разните политички партии или институции. Тој најави борба со сите средства:

„Ќе протестираме во петок и ова е еден вид на војна. Тука сме и ќе се бориме. Какви ни се средствата, така ќе дејствуваме”, порача Ајдари.

СЕЛА И ГАШИ: ЗАЕВ ДА ЈА КАЖЕ ВИСТИНАТА, ЕУ ДА ГИ ОТВОРИ СИТЕ ПОЛИТИЧКИ МОНТИРАНИ СЛУЧАИ, ПОЧНУВАЈЌИ ОД „МОНСТРУМ“

Ден подоцна, реакција на пресудата пристигна и од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива. Лидерите Зијадин Села и Африм Гаши, на прес-конференција по повод завршницата на „Монструм“, пресудата ја оценија како „скандалозна“.

„Живееме, за жал, во една држава кадешто од еден скандал секој час се појавува и друг скандал. Се случуваат со голема брзина, но и поинаку не може да биде, кога имаме во предвид дека нѐ водат лажговци, а не одговорни политичари. Вчерашната одлука на судот беше скандалозна и е втората епизода на монтираниот политички процес ‘Монструм’“, истакна Села.

„Ние сме тука уште еднаш да ги повториме оние зборови кои господинот Заев ги кажуваше од позиција на опозиционер. Неговиот збор, и мојот, и зборот на Африм (Гаши), и на сите претседатели на политички партии, треба многу добро да се размислува кога се објавува во јавноста. Заев тврдеше: Невини луѓе лежат затвор во врска со ‘Монструм’. Заев тврдеше дека вистината за ‘Монструм’ е многу болна. Заев ветуваше некакви сценарија кога ќе биде објавена таа вистина, бидејќи тоа ‘би довело до влошување на меѓуетничките односи’. Толку голем бил скандалот.

Заев денеска никаде го нема и ни зборува преку прес-конференции од неговата партија дека не треба да се мешаме во судски одлуки. А и вчера беше една судска одлука, во која токму тие се мешаат. Тој треба да излезе и да ја каже вистината: Лажеше тогаш, или лаже сега? Бидејќи оваа не е лага која туку така може да се фрли за да се добие власт, туку треба да има во предвид, ако е човек, дека се работи за чувства. За чувства на родителите кои ги изгубија нивните најмили. А исто така и за чувства на родителите и на децата на тие што треба невини да лежат доживотен затвор.

Сите граѓани денеска се збунети и ние треба да најдеме решение. Тој треба да даде оставка бидејќи е поставен со поддршката и гласовите што ги доби и од Албанците со ветувањето дека ќе се обелодени ‘Монструм’. Со ветувањето дека најпосле ние ќе имаме правна држава. Дека најпосле ќе профункционираат работите како што треба. Дали имаме правна држава денеска? Сите граѓани нека се запрашаат. Не, немаме. Туку имаме здружување на бившите противници – во една криминална група, таму во власта. Тоа го гледаме секој ден, преку сценарија кои личат не на Холивудски филмови, туку повеќе личат на Боливудски филмови, многу аматерски изведени.

Ние како коалиција Алијанса-Алтернатива го предлагаме тоа што ни е зацртано и во нашата програма со што настапивме и како ветување пред граѓаните: Ја повикуваме и Европската унија, земјите членки како Германија, Франција, Холандија, ургентно да донесат тим судии и обвинители кои ќе ги отворат, уште еднаш, сите овие монтирани политички процеси. Бидејќи мора граѓаните да почнат да веруваат, а вака не веруваат, во институциите кои делат правда. Да се отворат сите монтирани политички случаи почнувајќи од ‘Монструм’, ‘Алфа’, па сѐ до ’27 април’, но и сите предмети од осамостојувањето за кои има политичка амнестија, за сите корумпирани политичари да одговараат и да завршат таму кадешто треба. Тоа е единствен начин како ние треба да почнеме и да градиме правна држава. Бидејќи, за жал, ние немаме само политизирано судство, ние немаме само судови и обвинители кои се членови на некоја си политичка партија. Кај нас ситуацијата е уште полоша: Ние имаме судии и обвинители кои се прилагодуваат на политичките партии кои се дел од власта. Ветингот не треба да биде само ветување за време на кампањи или внатрепартиски. Ветингот треба да почне веднаш и сите тие обвинители и судии кои се политизирани треба да ги остават тие работни места, бидејќи на ваков начин сигурно имаме само еден пат – а тоа е анархија. А анархијата во Македонија, се знае што може да се случи, со овие граѓани и оваа држава“, порача Села.

„Има три причини зошто овој процес, а и сите други монтирани процеси ни оставаат голема дамка и голем прашалник зошто ова ни се случува. Тоа што се случи со ‘Монструм’ – пресудата на три луѓе со доживотен затвор, според мене е поради 3 причини. Првата е затоа што овој процес од самиот почеток беше крајно политизиран, втората е што целиот процес се одвиваше со отсуство на транспарентност, и третата причина е што е целосно изгубена довербата во веродостојноста на судот и одлуката.

Политизацијата почна со тоа што на прес-конференција во 2012 година, министерката и режимот на Груевски рекоа дека ‘ги фативме убијците’. А три-четири години подоцна, лидерот на опозицијата, сегашниот премиер, имајќи ги ‘бомбите’ в раце, рече дека невини луѓе се во затвор. Кога имате ваква крајна политизација, заради избори и едните да присвојат гласови кај Македонците а другите кај Албанците, нормално е после 9 години, кога ќе се донесе одлуката, никој да не верува.

Отсуство на транспарентност има затоа што никој, ниту еден граѓанин денеска не е сигурен, нема видено доказ зошто е донесена таа одлука. Да видиме кои се доказите, кој е мотивот, зошто се случило тоа.

Третата причина е веродостојноста. Во држава, хибридна, како што вели списанието ‘Економист’, каде судовите се под закрила на владата, тие судови час судат по аршинот на Груевски, а сега судат по теркот на Заев. Затоа денес во овој процес никој не верува и сите сме во прашалници. Тоа што сметаме дека е најважно е дека треба во овој процес, но и во сите други монтирани процеси, да има две работи: правда и вистина. Ако државата и судовите успејаа да ги донесат овие две нешта, никој немаше да реагира, сите ќе бевме задоволни. А особено овде најмногу се допрени семејствата на загинатите деца и семејствата и луѓето кои седат во затвор и можеби ќе седат цел живот. Затоа, мојот повик е час поскоро сите како политички актери, но и како медиуми и невладини организации и сите важни чинители во оваа држава, да го кренеме во највисок приоритет воспоставувањето на правната држава. Без правда, не само мир, нема ништо“, порача Гаши.

ЗАЕВ: НЕМА ПОЛИТИЧКО ВЛИЈАНИЕ ВО „МОНСТРУМ“

„Секој заслужува правда, повторување на постапки и одговорност ако се огрешил пред законот. Дел од процесите завршија успешно како ‘Сопот’, дел со казни. Овој случај доби повторување. Сите докази, транскрипти беа презентирани пред судот. Процесот е воден на транспарентен начин. Правосудниот систем е тој кој ги носи одлуките“, рече вчера премиерот Заев, одговарајќи на пратеничко прашањето поврзано со случајот, повикувајќи се на одлуката на судот.

Тој порача дека „политичарите мора да ги тргнат рацете од судството и од обвинителството“.

„Зошто таа година кога бевме заедно не направивме нешто?! Затоа што тоа не е наша работа. Имаме должност да охрабруваме доверба во правосудниот систем“, се обрати Заев кон пратеникот од Алијанса за Албанците кој го постави пратеничкото прашање. „Треба да се даде шанса на вистината“, додаде тој.

 

- Реклама -