Протест за „Правда за Никола Груевски“

ФОТО: Georgi Licovski/Epa

За утре (среда) во 19 часот, пред Кривичниот суд во Скопје, најавен е протест за поддршка на екс-премиерот и екс-лидер на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Груевски, кој на 8 ноември, ден потоа, треба да се јави на издржување на казната затвор од две години која му беше изречена за случајот „Тенк“ на СЈО.

Повикот за протест се шири на социјалните мрежи, а најавата е објавена на Фејсбук страната „Правда за Никола Груевски“.

„Почитувани граѓани,
Членови на ВМРО-ДПМНЕ,
Македонци и Македонки,
Браќа и сестри,

Цела Македонија е сведок на неправдата која се врши врз поранешниот премиер на Република Македонија Никола Груевски. Експресните постапки со скратени рокови имаат за цел единствено ставање во затвор на Никола Груевски.

За таа цел се повикуваат сите граѓани на Република Македонија на ден 07.11.2018 година (среда) со почеток во 19 часот на МИРЕН ГРАЃАНСКИ ПРОТЕСТ ЗА ПРАВДА ЗА НИКОЛА ГРУЕВСКИ пред зградата на Основниот суд Скопје 1!

Кога неправдата е на сила, непокорот е единствениот пат до правдата!“, стои во повикот.

За утре е закажана и собраниската комисија на која треба да се разгледува одземањето на пратеничкиот мандат на Груевски. Вчера тој и официјално беше информиран дека му е одбиена молбата за одложување на затворската казна, но постои можност сепак да го одложи престојот во Шутка, бидејќи има право во рок од 3 дена да поднесе жалба до Кривичниот совет на „скопска едница“.

- Реклама -