Денеска, со почеток во 13.30 часот, семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“ за убиствата кај Смилковско езеро ќе протестираат поради последното рочиште, во кое во завршните зборови обвинителката Фатиме Фетаи во име на Основното јавно обвинителство (ОЈО) оцени дека обвинетите го сториле делото и побара највисоки казни. Од МВР најавуваат посебен сообраќаен режим.
„Денес со почеток во 13.30 часот е најавен протест кој ќе започне од парк Чаир со движење по ул. „Цветан Димов“, во продолжение по бул. „Крсте Мисирков“, десно по бул. „Гоце Делчев“ заедно со група која што ќе се собира пред „Скендер бег“ ќе се упати по ул „Филип Втори Македонски“ до OJO во траење од три часа“, информираат од МВР.
„Од тие причини СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по горенаведените сообраќајници. Затворени за сообраќај од 13.00 часот до завршување на протестот, ќе бидат следните улици:
– бул. Христијан Тодоровски Карпош“, ул. „Џон Кенеди“, ул.„Цветан Димов“, бул. „Гоце Делчев“ и ул. „Филип Втори Македонски“, а сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници“, велат од МВР.
Обвинетите за петкратното убиство кај Смилковско езеро – Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута беа осудени на доживотен затвор, но во декември 2017 година Врховниот суд ја укина пресудата. Случајот „Монструм“ го презеде СЈО и судењето почна од почеток. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири остануваат недостапни за правдата, бидејќи се во бегство во Косово и сѐ уште не се екстрадирани.
*ФОТО: Од протестот за поддршка на осудените во „Монструм“ во 2014 година, кој резултираше со жестоки судири со полицијата, во кои повредени беа дваесеттина полициски службеници (виа Академик.мк)