Живеел некогаш во едно село сиромашен човек кој секојдневно неуморно ги обиколувал околните села да проси милостина. Така по некое време собрал многу ориз.
– Ти веќе не си сиромашен. Кажи што правиш со толку многу ориз?, го прашал еден од селаните.
– Го делам на четири – одговорил просјакот. – Едниот дел му го давам на ѓаволот, другиот – на заем, третиот го фрлам во реката, а четвртиот го оставам во храмот, како дар за богот.
Сите биле многу изненадени од неговиот одговор и почнале да го распрашуваат:
– Кој е тој ѓавол? И кој е тој, што зема заем од просјак? А во која река го фрлаш оризот? На кој храм му даваш донација?
Но, просјакот не им одговорил ништо повеќе. Тогаш селаните многу се налутиле, го фатиле и го одвеле кај царот. Царот му заповедал да зборува и тој не можел, а да не се потчини.
– Царе – рекол тој, – ѓаволот е жена ми. Таа ништо не работи, само јаде и спие. За да ја задоволам нејзината ненаситност треба постојано да го делам оризот.
– А кој зема заем од тебе? – прашал царот.
– Вториот дел од оризот е за мојот син. Сега тој е мал, а моите нозе уште одат и можам да го прехранам. Но утре, кога ќе порасне, а јас остарам, тој мене ќе храни, па ете за каков заем зборувам.
– А што значи што го фрлаш во реката третиот дел од оризот? – прашал повторно царот.
– Имам мала ќерка – рекол просјакот. Но кога ќе порасне, таа ќе се омажи и ќе ме напушти. Е, царе, кажи ми оризот, кој и го давам, не е ли како фрлен во реката?
Конечно царот го прашал:
– А во каков храм и на кој бог го оставаш последниот дел од оризот?
– Царе, овој храм е моето тело, а богот – мојата душа. Ако за нив не се грижам, како ќе имам сили да живеам?
На царот многу му се допаднале одговорите на просјакот. Тој го наградил богато и најпосле го пуштил да си оди.
Мисла на денот
Индиска народна приказна