Отиде уште една музичка легенда. На 82-годишна возраст почина Леонард Коен – еден од највлијателните музичари/текстописци, современик од 1960-тите на имиња како Боб Дилан и Џони Мичел. Ќе го паметиме како „кум на мракот“ и голем лиричар кој пееше за сé што може да го мачи човека – љубов, омраза, разделба, смрт, самоубиство, војна, и мир…
По веста за неговата смрт, фановите почнаа да споделуваат писмо што Коен го има напишано до Мариен Ихлен – неговата најголема муза, жената која ги инспирираше „So Long, Marianne“ и „Bird on a Wire“, со која Коен се сретна во шеесетите и со која остана следните седум години.
Ихлен почина минатиот јули од рак, а во август Јан Кристијан Молестад – нејзин пријател, за канадскиот CBC обелодени дека пред нејзината смрт тој го известил Коен дека Мариен е на смртна постела, по што по само неколку часа, таа примила „прекрасно“ писмо од музичарот. Молестад бил човекот што ѝ го прочитал. Оди вака:
„Па, Мариен, дојдовме до ова време кога сме навистина толку стари и нашите тела се распаѓаат, и мислам дека ќе те следам многу наскоро. Знај дека сум толку близу зад тебе што ако ја подадеш раката, мислам дека можеш да ја дофатиш мојата.
И знаеш дека секогаш те сакав заради твојата убавина и твојата мудрост, но не морам да речам ништо повеќе, бидејќи ти знаеш сé околу тоа.
Но сега, сакам да ти посакам многу убаво патување. Збогум стар пријателу. Бескрајна љубов, се гледаме некаде подолу по патот…“
Молестад изјави и дека кога на Мариен ѝ го прочитал делот „ако ја подадеш раката“, таа навистина ја испружила раката. Два дена подоцна ја изгубила свеста и починала. Во писмото-одговор до Коен, Молестад му кажал дека во последните моменти и ја потпевнувал „А Bird on a Wire“, бидејќи тоа било песната која таа ја чувствувала за најблиска. Потоа ја бакнал во челото и излегол од собата, со зборовите „Збогум, Мариен“.
А неодамна, зборувајќи за The New Yorker, Коен – кој веќе страдаше од бројни здравствени проблеми, рече дека е „подготвен да умре“:
„Во еден момент, ако сé уште ти се ‘сите даски на број’ и не си соочен со сериозни финансиски предизвици, имаш шанса да си ја средиш куќата“.
А многу неодамна, минатиот месец, Коен го објави и неговиот последен албум „You Want It Darker“, за кој тој самиот беше многу скептичен дали воопшто ќе го заврши пред својата смрт.
„Татко ми почина во мир во неговиот дом во Лос Анџелес, со сознанието дека го комплетирал тоа што тој чувствуваше дека е неговиот најдобар албум“, рече синот на Коен – Адам, за Rolling Stone.
Леонард Коен пишуваше до своите последни мигови.